42-ро издание на традиционалниот одбојкарски меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“

 

Работнички – Скопје го освои пехарот на годинашниот тетовски турнир

 

Финале: Универзитет во Тетово – Работнички Скопје 0:3 (7:25, 9:25, 19:25)

Универзитет во Тетово: Ерјона Јонузи, Амра Ајрули, Беса Џемаили, Агнеса Беџети, Ќендреса Бафтијари, Илзана Берзати, Арниса Дехари, Шпреса Саити, Елинда Јонузи, Тоска Салија, Мирела Мемети (тренерка: Лаурета Абази)

Работнички – Скопје: Стефанија Станковска, Антонија Баталаковска, Александра Алексовска, Емилија Ивановска, Ирма Ѓурѓевиќ, Тамара Стојанова, Ивана Јачева, Тамара Тасевска, Теа Бордожа, Тодорка Петровска, Матеа Каралиева, Елена Пандева (тренер: Глигор Христов)  

Судии: Предраг Серафимовски и Драган Јософовски

Делегат: Мирко Трајков

 

Одбојкарките на Работнички – Скопје се победнички на 42-то издание на традиционалниот одбојкарски турнир во чест на основоположникот на одбојкарскиот спорт во Тетово Бранко Хаџииљоски – Чајка. Во финалето во салата на ОУ „Гоце Делчев“, второпласираниот тим во нашиот шампионат го совлада Универзитет во Тетово со 3:0 (25:7, 25:9, 25:19). Скопската екипа направи серија од 8:0 за водство од 10:3 во првиот сет, во којшто тетовки немаа сили да се спротивстават. И во продолжение не можеа да парираат поради лошиот прием, па експресно Работнички – Скопје поведе и со 2:0. Во третиот сет, Универзитет во Тетово даде посилен отпор, но не можеше да го продолжи натпреварот со оглед дека Стојанова, Баталаковска, Бодрожа, Петровска и другите беа расположени за игра.

 

 

Првпат по 2013-та, македонска екипа славеше на традиционалниот настан, којшто од првото издание во 1975-та не беше одржан само два пати, во 1979-та и во 2001-ва, од објективни причини. А на 42-то издание годинава, за најдобра одбојкарка на турнирот беше прогласена Антонија Баталаковска од тимот на Работнички – Скопје. Нејзината соиграчка Ивана Јачева ја заработи наградата за најдобра одбојкарка на позиција техничар.

 

Во полуфиналните натпревари на турнирот, Универзитет во Тетово беше подобар од локалниот ривал Бами Кор, а Работнички – Скопје славеше над гостинките од Црна Гора, составот на Рудар од Пљевља. Во битката за третото место, Рудар беше поуспешен од Бами Кор.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *