Андонов посакува да остане на позиција среден блокер
Целта е јасна, шансата е голема, но тоа не го попречува подготвителниот процес за клучните натпревари во квалификациите за Европското првенство наредната година. Македонските одбојкари денеска го одржаа единствениот тренинг, а последен пред двата контролни натпревара со Албанија викендов. За разлика од август, селекторот Никола Матијашевиќ сега го има на располагање и Ѓоко Јосифов како засилување на позицијата среден блокер, така што дел од тренинзите се насочени и кон негова адаптација во тимот. Филип Маџунков и Иван Андонов беа стандардни на позицијата среден блокер кај нас на претходните четири средби од групата „Еф“, а поголемата конкуренција би требало да донесе квалитет во тренажниот процес и повеќе опции во создавањето физиономија на националниот состав.
„Чувствуваме одредена доза трема, но позитивна. Досега не сме биле толку блиску до европско првенство. Се насочуваме на првиот дуел со Украина, сакаме да победиме и на тој начин да си ја олесниме работата. Сега ги знаеме сите добри и лоши страни на Украинците и ќе се подготвиме соодветно. Јас лично сакам да останам на позицијата среден блокер на којашто ги одиграв претходните четири меча, но подготвен сум да помогнам на кое било место во тимот. Мислам дека сега ќе играме подобро од досега“, оптимистички вели нашиот репрезентативец Иван Андонов кој во квалификациите освои 21 поен за Македонија. Осум од нив беа ас, со што Андонов е наш најдобар сервер.

Црвено-жолтите на 5-ти јануари ќе гостуваат во Запорожје кај Украина, а четири дена подоцна ќе ја пречекаат Унгарија. Со оглед на августовските две победи на четирите меча, за да го оствариме најголемиот успех на нашата одбојка – пласманот на ЕП во септември 2019, би требало да ни биде доволна победа над Унгарија во Скопје со 3:0 или со 3:1, а многу би помогнало доколку во Украина заработиме бод со освоени два сета.