Никола Ѓорѓиев го излечи коленото, денеска тренираше и Филип Деспотовски
Ако досега неодминливи беа размислувањата за табелите во другите квалификациски групи за Европското првенство, македонските одбојкари отсега се целосно насочени на Украина. Гостувањето во Запорожје в сабота е првиот билет за наш дебитантски, а со тоа и историски пласман на собирот во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија. Но без оглед на резултатот од пресметката со Украинците, за нас има уште еден филтер, а тоа е домашниот натпревар со Унгарија на 9-ти.
„Јас сум слаб калкулатор, математички слабо гледам кои и какви се групите. Големи се шансите да бидеме втори, доколку ги добиеме Унгарците кај нас, а потоа треба да бидеме во кругот репрезентации коишто ќе се пласираат врз база на збирот на победи и на бодови. Но јас на тоа не гледам така. Шансата е добра, но за мене прва приказна е Украина. Наша цел е да ги нападнеме со се и сешто и да добиеме барем еден сет. Украина е најдобра во групата и го покажа тоа со резултатите. А ако добиеме сет, зошто не и два? Ако добиеме два, зошто не и три? Еве, тоа е некоја филозофија за којашто јас мислам дека е вистинска. Ние треба да се бориме за секој сет, па ако може и да го добиеме натпреварот, а ако го направиме тоа, шансите ќе бидат многу големи“, вели селекторот Никола Матијашевиќ, кој конечно работи со сите одбојкари на коишто смета за решавачките квалификациски натпревари.
Капитенот Никола Ѓорѓиев ја санираше повредата на коленото, а Филип Деспотовски денеска го одржа првиот тренинг откако претходно паузираше поради вирус. Тоа се добри вести за националниот состав којшто утре ќе патува во Запорожје за саботниот дуел со Украина.
По 87 квалификациски натпревари досега, Македонија ја чувствува големата шанса во претстојните два да го направи клучниот исчекор. Тоа по дефиниција е историска околност, макар што таквата одредница може да создаде притисок за одбојкарите.
„Јас уште пред да дојдам, слушнав големи зборови како „историска шанса“, „да се биде или не“ итн. Но мислам дека одбојка ќе се игра во Македонија и по овие два натпревара, особено ако се квалификуваме, тогаш ќе биде попријатно да се игра. Не би рекол дека е последна шанса, но сигурно е најголема досега. Јас верувам во оваа екипа и верувам дека ќе ја искористиме“, оптимист е Матијашевиќ.
За разлика од пред две години кога Чесите играа со втор тим и ја пропуштија Естонија во баражот наместо нас, сега сами решаваме за себе, што е предност. Со две победи секако ќе учествуваме на Европскиот шампионат 2019, а доколку оствариме една, тогаш ќе го чекаме епилогот и од другите групи. Во три од преостанатите шест многу реално може да има две послаби второпласирани репрезентации од нас. Доколку во групата „Бе“ Естонија ја совлада Летонија дома, што е објективен резултат, тогаш со биланс 2-2 ние би имале уште поголема можност да бидеме во првите пет на табелата на второпласирани, а со тоа и на континеталниот самит во септември годинава. Тоа е најголемата желба на македонската одбојка досега.