Оптимизмот расте во пресрет на утрешниот квалификациски натпревар со Украина

 

Македонските одбојкари пристигнаа во Запорожје, вечер е првиот тренинг

 

Нашата одбојкарска репрезентација од денеска е во Запорожје каде што утре ќе го одигра првиот од двата решавачки натпревара во квалификациите за Европското првенство во септември годинава. Во палатата на спортовите „Јуност“, македонските одбојкари вечер ќе го одржат првиот тренинг, а утре ќе имаат уште еден пред да истрчаат на мегдан со противникот којшто победи во Скопје со 3:2. Македонија тогаш имаше водство од 2:0 и шанса да ја заврши работата во третиот, а потоа и во петииот сет, но не успеа да оствари триумф со којшто ќе беше уште поблиску до пласман на континенталниот самит во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија.

„Боли поразот во Скопје затоа што водевме со 2:0 во сетови, во третиот имавме 18:15, потоа во петтиот 8:5. Сепак, и сега имаме голема шанса, одиме поен по поен, сет по сет и мислам дека со добра игра како колектив може да ја оствариме оваа победа и да го запечатиме Европското првенство. На Украина и се потрени два сета за да ја осигура првата позиција, но тие играат дома и ќе сакаат да победат. Ние сме максимално подготвени, мотивирани, во играчка форма сме и мислам дека натпреварот ќе биде интересен и дека можеме да се радуваме на победа“, вели техничарот на нашата селекција Ѓорѓи Ѓорѓиев.

Македонија има две победи на четири натпревари во квалификациската група „Еф“. Иако постојат многу калкулации, најсигурната опција за да ја оствариме целта и првпат да учествуваме на европско првенство е да победиме утре во Запорожје, а потоа на 9-ти и против Унгарија во Скопје. Нам ни одговара Унгарците да бидат трети во нашата група, затоа што тогаш ќе се избрише нашиот пораз од Швајцарија во Скопје, па во табелата на второпласираните национални состави би имале биланс 2-2 доколку загубиме во Украина. Со победа во Запорожје, во случај Швајцарија биде третопласирана, повторно би имале биланс 2-2, а со тоа би ги задржале шансите за настап на еврошампионатот. На него ќе учествуваат сите првопласирани и најдобрите пет од второпласираните репрезентации во седумте квалификациски групи.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *