Квалификации за Европско првенство 2019 (Белгија, Франција, Холандија, Словенија)

 

Пораз во Украина, победа на Швајцарците во Унгарија, континенталниот собир е далеку од нас

 

Македонските одбојкари загубија во Запорожје од Украина со 3:0 (25:19, 28:26, 23:25, 25:23), а со оглед на триумфот на Швајцарија во Унгарија со 3:2 (25:22, 25:22, 20:25, 21:25, 8:15), нашата селекција ќе има биланс 1-3 во табелата на второпласираните репрезентации во квалификациите. Тоа значи дека нашите шанси за историски пласман на континенталниот самит во септември годинава се драстично намалени, иако се уште постојат

 

Повторно ќе се држиме до фрази, во случајов до „надежта последна умира“. Сепак, по оваа саботна одбојкарска квалификациска сеанса, нашата репрезентација е далеку од сонот да учествува на еврошампионатот. Сега за да ги реализираме целите и да го оствариме историскиот резултат, потребно е да ја победиме Унгарија со 3:0 и на тој начин да го обезбедиме второто место во нашата група „Еф“, а потоа да навиваме за поволни резултати на три квалификациски натпревари. Утре Естонија да ја совлада Летонија, па потоа в среда Летонија да го победи Израел, а Шведска да слави против Азербејџан. Постои и опција во групата „Е“ доколку Норвешка или Шпанија, заврши второпласирана, а притоа да има само една победа како и Македонија. Но ако се вратиме на одбојкарската историја за да создадеме надеж за нова, поубава и побогата историја, ова е тешко и само теоретски остварлива опција за нас! По денешната победа на Швајцарија и нашиот пораз од Украина, не зависиме сами од себе!!!

 

А како и во августовските натпревари, повторно можеше да биде поинаку, иако во палататата на спортовите „Јуност“ отворивме лошо, па фаворитот лесно го заокружи сетот со 25:19. Но откако го коригиравме приемот, а Љафтов му се приклучи на Никола Ѓорѓиев во нападот, Македонија почна да игра рамноправно со Украинците. Тие го обезбедија местото на континенталниот собир со 28:26 во вториот сет, во којшто црвено-жолтите водеа со 18:15, а како и на првиот дуел во Скопје, не знаеа да ја завршат работата. Во третиот направија серија од 7:1 за пресврт од 10:13 до 17:14, па ја искористија третата сет-топка за 25:23. Неизвесно беше и во четвртиот сет, но и покрај водството од 22:20, на Украинците им дозволивме да завршат со низа од 5:1 и со тоа да го задржат максималниот биланс во групата.

 

Македонија денеска беше послаба од Украинците речиси во сите елементи. Тие имаа повеќе поени од напад (53 наспроти 46), повеќе асови (12 наспроти 6), како и двојно повеќе болокови (12 наспроти 6). Нашиот тим имаше десет грешки помалку, но тоа не беше доволно за да направиме пресврт во играта. Капитенот Никола Ѓорѓиев освои 26, а Александар Љафтов заврши со 17 поени, но кај ривалот четворица одбојкари беа двоцифрени во оваа статистичка категорија (Јерешенко 18, Виетски 15, Терјоменко 13, Шевченко 10).

 

Ние и натаму сме втори, иако имаме ист биланс со Швајцарија. Поради подобар сет количник, доколку ја совладаме Унгарија со 3:0 ќе завршиме второпласирани во групата, но во случај утре Летонија да победи во Естонија, ќе ги загубиме шансите за европско првенство. Пред десет години не успеавме во баражот со Чешка, во последниот циклус Чешка и Естонија решаваа за нас и решија да не играме во баражот со Летонија. Овој пат сакавме да испишеме историја, а повторно сме во истиот магепсан круг. Потребна ни е огромна среќа, каква што не сме имале никогаш досега!!!

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *