Украина е прва шанса за пласман на Европското првенство 2019
Пренос на МТВ 1
Македонската телевизија, којашто е медиумски партнер на Одбојкарската федерација на Македонија, како и во август, повторно ќе емитува преноси од решавачките натпревари на нашите одбојкари во квалификациите за ЕП. Сликата од Запорожје денеска ќе оди на Првиот канал од 18 и 50.
Со две победи во августовските четири натпревари, македонската одбојкарска репрезентација има реални шанси да обезбеди прв, историски настап на европско првенство. По одлуката на ЦЕВ од претстојниот континентален самит во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија, наместо 16 да учествуваат 24 селекции, оваа генерација во националниот состав предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев, го живее сонот да излезе на големата одбојкарска сцена. До таквиот успех остануваат два натпревара, а со тоа две можности. Првата е денеска во Запорожје, каде што Македонија ќе и гостува на Украина во претпоследниот меч од квалификациската група „Еф“. Противникот е поквалитетен, тоа го потврди со максималниот ефект досега, но за да го обезбеди првото место, денеска потребни му се два сета. Нам, пак, победа би ни завршила голема работа, иако со два освоени сета, а со тоа и заработен бод, па дури и без него, шансите би постоеле, секако со услов во последното коло на 9-ти јануари во Скопје да ја совладаме Унгарија со 3:0 или со 3:1. Сепак, радува расположението кај нашите одбојкари дека треба да се стори се што се може, Македонија да остане во позиција сама да решава за себе, затоа што постојат многу калкулации во завршницата од квалификациите. Од седумте групи, покрај првопласираните, виза за ЕП ќе има и за пет од второпласираните селекции. Оттка, Македонија треба да го задржи второто место во групата, а притоа да се обиде да има што подобар биланс. Знаејќи дека во табелата на второпласираните репрезентации нема да се бројат резултатите од мечевите со национхалните состави коишто ќе завршат последни, нам ни одговара Швајцарија да биде четврта во нашаѕа група. Во таков случај ќе се избрише нашиот пораз од неа дома, така што во табелата на второпласираните ние би имале најмалку две победи, под услов да триумфираме против Унгарија в среда во „Кале“. Доколку Швајцарија заврши трета, за нас потребна ќе биде победа во Запорожје за да имаме биланс 2-2. Најдобра е третата опција, а тоа е Швајцарија да биде четврта, а ние да славиме на наредните две средби, затоа што тогаш би имале биланс 3-1, а со тоа и сигурен пласман на Европското првенство во септември 2019.
Капитенот посакува сами да ја завршиме работата во квалификациите
„Како? Силно! Борбено! Со позитивна мисла!“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев за начинот на којшто Македонија треба да игра во Запорожје против Украинците. „Трениравме добро деновиве, на Албанија не и дадовме ниту сет, а тоа зборува во наша полза иако натпреварите беа од пријателски карактер. За разлика од минатото лето, сите се во подобра форма. Затоа ќе одиме на победа, нема да калкулираме. Не сакам да размислувам за другите, сакам да победиме и да ги решиме дилемите уште во Украина“, заклучува Ѓорѓиев.
Украинците имаат многу опции во играта, сега се засилени на примачка дијагонала и на позиција коректор, но формата на нашите репрезентативц е подобра отколку во август, а радува и тоа што со Ѓоко Јосифов и со Александар Милков, селекторот Никола Матијашевиќ ќе има за нијанса повеќе можности во текот на средбата во палатата на спортовите „ Јуност“ отколку на првиот дуел во „Кале“. Тогаш Македонија и Украина го одиграа вториот меѓусебен натпревар, а првиот беше во финалето на Европската лига 2017 во Гентофте, Данска. И тогаш славеа Украинците, па време е за прва наша победа над нив. Во овој контекст би била „златна“ за македонската одбојка.
За селекторот клучни ќе бидат приемот и сервисот
„Кога се подготвував за Украина, го гледав првиот меч. Се уште ми минутаат трпки. Водевме со 2:0 во сетови, па затоа тешко ми е да се враќам на тие спомени. Јас мислам дека тие сега ќе играат со одбојкарите коишто го направија пресвртот во Скопје. Не заборавајте дека тие ги променија техничарот, коректорот и либерото, а тоа е половина екипа. Се нацрта една нова игра, но и тука имавме шанса. Сега сме подготвени и за тоа. Кај нас не можеме да менуваме толку играчи, но ако ги надиграме на сервис и во прием, би имале шанса да играме рамноправно. А доколку играме рамноправно сигурен сум дека со големата желба и волја нашите одбојкари можат да одиграат подобро отколку што можат, за да победеиме и да се пласираме на ЕП“, селекторот Никола Матијашевиќ го најави натпреварот со Украинците.