За нас сега не решава една, туку три топки
Кога Европската одбојкарска конфедерација реши наместо 16 на европските шампионати да настапуваат 24 репрезентации, нашата одбојка виде шанса да му се приклучи на привилегираното друштво. Со мали персонални промени, националниот тим е долго време заедно, за разлика од претходно, во последните пет години играше редовно, во овој квалификациски циклус, а и во сезоната од Европската лига ги имаше сите услови да ги исполни амбициите, но повторно оди тешко. Откако загубивме во Украина, а Швајцарија ја совлада Унгарија, добро е и што воопшто може да се надеваме дека ќе се пласираме на самитот во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија.
Од многуте бројки остана само уште една „весела“ математика за нас. В среда да ја победиме Унгарија со 3:0, на тој начин да го обезбедиме второто место во групата, а притоа да чекаме Летонија да го совлада Израел и Шведска да слави над Азербејџан. Во таква ситуација, Македонија ќе биде во кругот на пет најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи. Во таа табела во којашто не се бројат резултатите од натпреварите со последнопласираните, ние би имале биланс 1-3 и четири бода и би биле подобри од ривалите во групите „Бе“ и „Ге“. Опцијата со Норвешка во групата „Е“ отпадна откако вчера Шпанија ја совлада Белорусија, така што во таа конкуренција второпласираниот, кој и да е, ќе има две победи, како што е случајот и во групите „А“ и „Де“.
Кога би се зеле предвид составите на селекциите и нивните меѓусебни дуели, сосема очекувани би биле триумфите на Летонија дома над Израел и на Шведска исто така пред своја публика против Азербејџан, но репрезентациите за коишто ние ќе навиваме веќе ги загубија шансите за настап на еврошампионатот, па тоа може да биде непријатна околност. Како и да е, откако се вратија од Запорожје, нашите одбојкари денеска ги продолжија тренинзите пред мечот со Унгарија. До првиот сервис в среда во „Кале“ од 20 и 15 веќе ќе биде познат епилогот на средбата од Стокхолм, а можеби и од Јелгава. Доколку се биде во наша полза, ќе бидеме сведоци на историски натпревар за македонската одбојка. Во спротивно, долго ќе биде времето до наредниот квалификациски циклус во којшто прашање е дали ќе ни се отвори ваква можност како во тековниот за ЕП во септември 2019.