Квалификации за Европското првенство 2019

Ден за македонската одбојкарска историја

 

Македонија ќе ја пречека Унгарија во СРЦ „Кале“ од 20 и 15. На нашите одбојкари им е потребна поддршка за да го завршат својот дел од работата на патот до историски настап на континентален самит

Доколку ја остварат потребната победа над Унгарија и со поволен расплет на квалификациските натпревари во Јелгава и во Стокхолм, овој ден ќе биде историски за нашите одбојкарски репрезентативци и за македонската одбојка воопшто. Со поволен расплет, Македонија првпат ќе учествува на европско првенство. Потребна е наша победа во салата „Кале“ во Скопје над Унгарија со 3:0, со што би го обезбедиле второто место во групата „Еф“, без оглед како ќе заврши натпреварот Швајцарија-Украина. До почетокот на нашиот меч со Унгарците против кои слаевме во Будимпешта со 3.2, веќе ќе биде познат епилогот на средбата меѓу Шведска и Азербејџан од групата „Ге“. Нам ни одговара каква било победа на Швеѓаните, затоа што во таков случај Азербејџан ќе има биланс 1-3 во мини-табелата на второпласираните селекции од сите групи, но поради подобар сет-количник, Македонија ќе котира повисоко. Натпреварот во Јелгава од групата „Бе“ меѓу Летонија и Израел ќе почне во 18.30, па и на него веќе може да има конечен резултат. Со победа на Летонија, нашиот национален состав би имал подобар сет-количник и од Израелците, што би значело дека ќе бидеме во групата од пет најдобри второпласирани репрезентации во квалификациите. Тоа би значело виза за учество на Европскиот шампионат во Белгија, во Франција, во Холандија и во Словенија во септември годинава. Затоа најпрво им посакуваме среќа, а потоа и квалитет на македонските одбојкари за да го остварат долгогодишниот сонот!!!

Никола Матијашевиќ, селектор на Македонија: „Тие само малку го променија тимот во однос на августовскиот натпревар кај нив. Двете либера се повредени, па сега имаат помлад играч на таа позиција, така што тоа не е нивна силна страна. Задржаа еден коректор, тоа е Бароти кој игра во Франција, а Падар од Кореја сега не е во репрезентацијата иако има подобар рејтинг. Но според мене, со овој потег тие се засилија, затоа што Бароти е постабилен и е тимски играч за разлика од Падар. Меѓу нив двајца имаше нездрава конкуренција и тоа се гледаше на теренот. Сите други се исти и оттука мислам дека ако сервираме добро, ќе имаме шанси за лесна победа“.

 

Владо Милев, примач во македонската селекција: „Нема да има големи промени во нивната игра. Ако ние одиграме на потребното ниво, нема да имаме проблем. Мислам дека сме во посакувана форма и дека на мечот со Украина имаавме добри моменти, така што ако одиграме како што знаеме, со сигурност ќе победиме“.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *