Средба во Владата на Република Македонија

Премиерот Заев ги прими претставниците на ОФМ

 

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со претставници на Одбојкарската федерација на Македонија. Премиерот упати честитки до одбојкарите за дебитантскиот пласман на Европското првенство во септември годинава и најави поддршка од Владата, а Федерацијата изрази благодарност за соработката во развојот на спортот.

Покрај премиерот Заев, на средбата присуствуваа и Директорот на Агенцијата за спорт и млади, Дарко Каевски, советникот на Премиерот за спорт, Даниел Димевски, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, потпретседателите Љупчо Крстевски и Ивица Хаџииљоски, генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ, како и Васе Михаилов кој е долгогодишен македонски репрезентативец.

Претставниците на Одбојкарската федерација на Македонија истакнаа дека во последната година, како никогаш досега, добија значителна сума финансиски средства. Заблагодарувајќи се за поддршката од премиерот, од Владата и од Агенцијата за млади и спорт, тие го посочија како значаен чекор напред интересот на премиерот Заев и на Владата да ги слушне предизвиците со коишто се соочуваат спортистите и активно да соработуваат во изнаоѓањето решенија.

Премиерот Заев упати честитки до Одбојкарската федерација на Македонија и до одбојкарските репрезентативци за историскиот успех постигнат со пласманот на Еверопското првенство.

„Постигнавте одличен успех со пласманот, затоа изразувам почит кон Федерацијата во име на Владата и во мое лично име. Имате добри шанси на Евопското првенство што ќе биде одржано во септември годинава. Сметајте на поддршката од Владата. Со повеќе мерки Владата има цел да го поддржи спортот, бидејќи нема подобар репрезент за државата од спортот и ништо не зближива повеќе од спортот“, подвлече премиерот Заев,

кој силно ја поттикна Одбојкарската федерација на Македонија да аплицира за организација на европски првенства во младински категории, најавувајќи поддршка од Владата и во ваквите активности. Според календарот на Европската одбојкарска конфедерација, во 2021-ва ќе бидат одржани ЕП до 16 години во женска и ЕП до 17 години во машка конкуренција, а во 2022-ра, ЕП до 17 години во женска, ЕП до 18 години во машка и ЕП до 19 години во женска конкуренција.

На денешната средба се разговараше и за начините за мотивација за одбојкарите, како што е доделување спортска сала на Одбојкарската федерација на Македонија, за потребите за развој на одбојката во Република Македонија, обезбедување соодветни просторни услови за тренинзи, финансиски средства, како и за можностите за поголема промоција на одбојката, но и на другите спортови кај нас.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *