Одбојкарски шампионат на Македонија (мажи), Втора фаза-1 и 2, (4.коло)

Големо дерби во Тетово и можна промена на составот на водечката четворка на табелата

 

Со засилени екипи во споредба со есенскиот натпревар, Унверзитет во Тетово и Вардар ќе играат натпревар во двоен ефект во којшто не само што ќе се брои сопствената победа, туку и противничкиот пораз. Весна Пробиштип е во резултатска криза, па прашање е колку ќе може да ја направи интересна репризата на куп-финалето со Џио Струмица, додека, пак, во елитниот сегмент, Шутова е апсолутен фаворит против Лирија, па кичевци очекуваат скок на четвртото место. Колото денеска ќе го отворат ГОК Борец и УГД Студент, а поради термините во купот, Дибра волеј и Јанта волеј ќе играат во вторник

 

1) „Универзитет во Тетово“ – „Вардар“ (сабота, 20.00)

Во Тетово ќе се бие битка за втората позиција на табелата во нашата најквалитетна машка одбојкарска конкуренција. Универзитет во Тетово е најблиску до водечката Џио Струмица, но во дербито со Вардар, домаќинот ќе влезе со два пораза едноподруго. Впрочем, од вкупно три сезонава, два беа токму на последните два настапа во мечевите со лидерот и со Шутова. Минатиот викенд Вардар ја прекина серијата од пет победи, а со оглед на засилувањата во играчкиот кадар и на двата освоени сета против струмичани, ќе биде исклучително мотивиран за успех во Тетово каде што во есенскиот дел загуби со 3:1. Универзитет во Тетово има девет, а Вардар осум победи, така што поуспешниот од утрешното соочување не само што ќе оствари триумф против директен конкурент, туку и ќе напави исчекор во однос на Весна Пробиштип и на Шутова кои исто така се надеваат на пласман во разигрувањето.

 

2) „Џио Струмица“ – „Весна Пробиштип“ (сабота, 13.00)

Реприза на ланско финале од купот, како и натпревар на екипи коишто се на првото и на четвртото место на табелата, секогаш го носи епитетот дерби. Но утре во КГС „Партизан“, Џио Струмица е апсолутен фаворит против Весна Пробиштип. Бранителот на двојната круна има максимален биланс од 12 победи, па иако во два меча пролетва загуби три сета, а ниту еден есеноска, се уште игра доминантно и очекува што побрзо да го обезбеди првото место пред почетокот на разигрувањето. И Весна Пробиштип сака да биде во тоа друштво на четирите најдобри, но пролетва претрпе два пораза од директните конкуренти Вардар и Шутова, а ја совлада само отпишаната Лирија, со што ги намали шансите, иако има победа повеќе од кичевскиот прволигаш. На првиот меѓусебен дуел сезонава, Џио Струмица славеше со 3:0 на гостински терен.

 

3) „Шутова“ – „Лирија“ (недела, 19.00)

Откако доби пет големи засилувања во преодниот рок, Шутова рано ги потврди високите амбиции, уште по само три кола во Втората фаза-1. Освои сет во Струмица, а потоа ги совлада Весна Пробиштип на свој и Универзитет во Тетово на гостински терен, така што е на дофат на позиција којшто обезбедува полуфинале во првенството. Освојувачот на титулата во 2016-тата сега има ефект 6-6 и доколку се радува против Лирија, а Весна Пробиштип загуби во Струмица, ќе го преземе четвртото место на табелата. Лирија е во низа од пет порази, на нив не освои ниту еден сет, па и тоа посочува колкава е разликата во квалитет. Оттука, се освен триумф на Шутова би бил изненадувачки резултат, иако на единствениот натпревар сезонава, Лирија дома победи со 3.2. Сепак, околностите тогаш беа сосема поинакви.

 

4) „Дибра волеј“ – „Јанта волеј“ (вторник, 19.00)

Дебитантите во нашата машка Прва лига ќе го одиграат последниот меѓусебен натпревар сезонава откако Јанта волеј денеска ќе се сретне со Вардар во четвртфиналето на купот. Токму затоа дебрани ќе гледаат одбојка во вторник, а не претстојниот викенд. Улогите се јасни, скопскиот состав е апсолутен фаворит, а досега ги доби трите меча со Дибра волеј, два во првенството, а еден во купот. Јанта волеј има седум победи, па на гостувањето во Дебар може и теоретски да го обезбеди првото место во Втората фаза-2, што одговара на пласман на седмата позиција во конечното ранирање во сезоната 2018/2019. Дибра волеј нема победа и досега освои само еден сет, токму против Јанта волеј во првото пролетно коло.

5) ГОК „Борец“ – „УГД Студент“ (петок, 19.30)

Четвртото коло во Втората фаза од Првата лига ќе почне денеска во Велес, каде што УГД Студент ќе се обиде да ја продолжи успешната низа настапи против ГОК Борец. Штипјани славеа со 3:0 на два првенствени и на еден куп натпревар сезонава, па не изненадува фактот дека се на второто место во ова друштво, со две победи повеќе од денешниот противник. Сепак, УГД Студент тешко може да се надева дека ќе го достигне ефектот на Јанта волеј, но доколку го совлада ГОК Борец, дефинитивно ќе го обезбеди осмото место во вкупното рангирање сезонава. Во спротивно, велешани ќе му се доближат на тимот на Ванче Санев на негатива од една победа.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *