Одбојкарски шампионат на Македонија (жени), Втора фаза-1 и 2, (4.коло)

Во Струмица натпревар за разигрување, во Скопје за второто место

 

Наковски волеј ќе го напаѓа Работнички – Скопје со цел да не дозволи негатива од две победи во споредба со билансот на ривалот, а Виктори волеј и Јанта волеј ќе ја продолжат трката за пласман во разигрувањето во којашто може да решава дури и поен-количник. Работнички – Жени е фаворит против Пелистер волеј во елитниот, а во понеквалитетниот натпреварувачки сегмент УГД Студент – Жени ќе ја пречека Ускана и во локалниот меч Универзитет во Тетово ќе сервира против Бами Кор

 

1) „Виктори волеј“ – „Јанта волеј“ (сабота, 16.00)

Со оглед дека водечкото трио е далеку напред, натпреварот меѓу Виктори волеј и Јанта волеј е еден од оние што најдиректно решаваат за последниот патник за полуфиналето од разигрувањето. Двете екипи имаат биланс 6-7 и идентичен број бодови, така што Јанта волеј во дуелот ќе влезе од четвртото место поради подобар сет-количник. Виктори волеј е во лоша серија од три порази на последните четири средби, но два од нив беа против тимовите со име Работнички, а со тоа и очекувани, така што за стумичанки е важно што пролетва се радуваа против Пелистер волеј. Со таков успех може да се пофалат и актуелните првенки коишто минатото коло се вратија со драгоцена победа од Битола откако претходно загубија од Работнички – Скопје и од Наковски волеј. На првата меѓусебна пресметка, Виктори волеј победи во главниот град со 3:2, па и тој податок најавува голема битка во КГС „Партизан“ во Струмица.

 

2) „Работнички – Скопје“ – „Наковски волеј“ (сабота, 18.30)

Иако теоријата содржи и поинаков расплет, Работнички – Скопје и Наковски волеј најверојатно ќе се судрат во полуфиналето од разигрувањето во нашата женска Прва одбојкарска лига. Оттука нивната борба за второто место е важна поради предноста на домашниот терен. Работнички – Скопје е зад лидерот на табелата со победа повеќе од струмичанки коишто беа поразени во есенскиот дуел од скопскиот ривал со 3:0 и тоа на домашен терен. Тимот на Хари Наковски во средата имаше тежок натпревар во купот со Јанта волеј во пет сета, за разлика од противничките кошто победија со 3:0 против Виктори волеј, така што и од тој аспект предноста изразена во нијанси е на страна на домашниот состав. Како и да е, по натпреварот во малата сала на арената „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе бидат појасни опциите во битката за втората позиција.

 

3) „Работнички – Жени“ – „Пелистер волеј“ (понеделник, 19.30)

Трите порази пролетва од коишто два се од директните ривали Јанта волеј и Виктори волеј, ги намалија шансите на Пелистер волеј за четврто место по Втората фаза-1, а со тоа и за пласман во разигрувањето. Битолчанки сега ќе треба да компензираат освојувајќи сетови, бодови, па дури и остварувајќи победи кај фаворитите, што не е нималку лесна задача, особено ако се игра на гости кај Работнички – Жени, знаејќи дека на првата меѓусебна средба сезонава, зелено-белите дома загубија со 3:0, притоа освојувајќи само 30 поени. Најдбориот состав во лигата досега има максимални 13 победи, па по мечот в понеделник со Пелистер волеј може да му побегне на најблискиот ривал дури за три победи, доколку му одговара резултатот од дербито меѓу Работнички – Скопје и Наковски волеј. И да не биде така, скопскиот тим најмалку ќе ја задржи предноста од две победи.

 

4) „УГД Студент – Жени“ – „Ускана“ (сабота, 18.00)

УГД Студент – Жени беше поуспешна екипа од Ускана во двете соочувања сезонава. На првенственото есеноска на гостински, а во купот пролетва на домашен терен, па ако ја продолжи низата, ќе го задржи првото место во Втората фаза-2 коешто одговара на пласман на седмото во конечното рангирање. Кичевскиот состав се засили во преодниот рок, но не успеа да влезе во четвртфиналето на купот токму поради поразот од утрешниот противник. И штипјанки можат да се насочат кон шампионатот, затоа што во купот загубија од Работнички – Жени со 3:0 во својата сала и не можат да се надеваат на полуфинале. УГД Студент – Жени во оваа лигашка конкуренција оствари биланс 1-1 и има победа позитива во однос на Ускана.

 

5) „Универзитет во Тетово“ – „Бами Кор“ (сабота, 17.00)

Како и штипјанки и кичевки, и одбојкарките на Универзитет во Тетово рефлектираат на првото место во Втората фаза-2. Откако загубија токму од ривалите во првите два лигашки настапа пролетва, сега се на второто место во овој натпреварувачки сегмент иако имаа најдобра почетна позиција. Оттука, за нив ќе биде значајно да го совладаат Бами Кор во локалната пресметка, особено што противникот е во лоша серија од десет првенствени порази. Универзитет во Тетово ја доби првата сезонска средба со Бами Кор со 3:1.

 

Во ова коло слободна е екипата на Македонија Макс.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *