Одбојкарски шампионат на Македонија (мажи), Втора фаза-1 и 2, (4.коло) – преглед

Шутова влезе во елитниот квартет, тетовци го добија дербито со Вардар

 

Актуелниот шампион Џио Струмица вторпат сезонава ја совлада Весна Пробиштип, а со оглед на трите порази во оваа фаза на ланскиот финалист во купот, Шутова се качи на четвртата позиција на табелата откако очекувано славеше над Лирија. Универзитет во Тетово триумфираше над Вардар и го одбрани второто место. Немаше изненадување во Велес, каде што ГОК Борец четвртипат сезонава не освои сет против УГД Студент

 

1) „Универзитет во Тетово“ – „Вардар“ 3:0 (25:20, 25:21, 25:20)

Тетовската екипа оствари голема победа против Вардар, еден од директните конкуренти во битката за двата одбојкарски пехара кај нас. Дербито мина со целосна контрола на Универзитет во Тетово, кој славеше по двата пораза од Џио Струмица и од Шутова, а со тоа не само што го задржа второто место на табелата, туку сега е пред Вардар две победи. За црвено-црните заврши серијата од пет лигашки триумфи со поразот од актуелниот првак во третото коло, а сега со два загубени меча едноподруго, скопската екипа е под силен притисок од Шутова која се надева на третата позиција на табелата. Оттука, за вардарци ќе биде исклучително значајно наредниот викенд против кичевци да одиграат многу поквалитетно отколку со Универзитет во Тетово во саботата. Во спротивно, ќе ја искомпликуваат ситуацијата уште повеќе, иако до крајот на оваа натпреварувачка фаза може да има уште многу резултатски промени.

 

2) „Џио Струмица“ – „Весна Пробиштип“ 3:0 (25:20, 25:17, 25:19)

Втората фаза-1 е тежок натпреварувачки сегмент за одбојкарите на Весна Пробиштип, кои во репризата на ланското финале од купот, немаа сили да му парираат на водечкиот состав на табелата. Џио Струмица ја оствари 13-тата победа и со максимален биланс се доближува и до теоретска потврда на првото место по основниот дел од сезоната. Пробиштипјани ја совладаа само Лирија пролетва, па со вкупен биланс 7-6 излегоа од водечката четворика. Ако не променат нешто драстично, прашање е дали ќе можат да ја издржат трката за пласман во разигрувањето. По натпреварите минатиот викенд, Шутова е пред нив поради поголем број освоени бодови, а Вардар има една повеќе повеќе. Од друга страна, пак, струмичани, кои се бранители на ланската двојна круна, можат мирно да се подготвуваат за завршницата од купот и за елиминациските натпревари во првенството.

 

3) „Шутова“ – „Лирија“ 3:0 (25:13, 25:13, 25:12)

Лирија е најслабиот тим во елитниот дел од Прва лига пролетва, па не изненадува што лесно загуби кај „забревтаната“ Шутова со само 38 освоени поени. Кичевци значително се засилија во преодниот рок, по што освоија сет во Струмица, а потоа остварија две важни победи над Весна Пробиштип и над Универзитет во Тетово, така што за нив немаше проблеми да ја продолжат успешната резултатска низа. Шутова напредуваше до четвртото место на табелата, па во продолжение на сезоната сака да оди уште погоре, а со тоа да ја избегне Џио Струмица во евентуалното полуфинале од разигрувањето. Првакот од 2016-тата сега има победа помалку од наредниот противник Вардар, а доколку успее да слави во Скопје во меѓусебниот дуел без да загуби сет, тогаш уште на половина од Втората фаза-1 ќе биде третопласиран.

 

4) „Дибра волеј“ – „Јанта волеј“ (утре, 19.00)

Јанта волеј загуби од Вардар во петокот во четвртфиналето од купот, па сега може да се насочи на утрешната средба со Дибра волеј. Во пресметката на дебитантите во најсилната конкуренција, скопскиот тим е апсолутен фаворит според сите параметри. На претходните три соочувања сезонава, Јанта волеј славеше со сет-разлика 9-1.

 

5) ГОК „Борец“ – „УГД Студент“ 0:3 (7:25, 22:25, 20:25)

Немаше простор за изненадување ниту во Велес, каде што УГД Студент четвртипат сезонава победи против ГОК Борец, како и претходно, без да загуби сет. Штипјани се доближија до Јанта волеј на негатива од две победи во понеквалитетното натпреварувачко друштво, но јасно е дека нема да напредуваат погоре од осмото место во конечното рангирање за сезоната 2018/2019. Со триумфи само над Дибра волеј, ГОК Борец ќе заврши деветти. Последните две кола во Втората фаза-2 математички се уште можат, но реално не би требало да донесат измени на табелата.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *