Одбојкарски шампионат на Македонија (жени), Втора фаза-1 и 2, (4.коло) – преглед

Шампионките блеснаа во Струмица и влегоа меѓу четирите, а Работнички – Скопје го потврди второто место

 

Јанта волеј влезе во форма кога е најпотребно, па по Пелистер волеј, забележа исклучително значајна победа и кај Виктори волеј. Наковски волеј немаше сили да биде рамноправен на гостувањето кај Работнички – Скопје, па заостана во трката со ривалот за подобра почетна позиција во разигрувањето. УГД Студент – Жени го задржа успешниот курс во натпреварите со Ускана, а Бами Кор го доби локалното дерби со Универзитет во Тетово и ја прекина низата од десет лигашки порази

 

1) „Виктори волеј“ – „Јанта волеј“ 0:3 (13:25, 17:25, 22:25)

Одбојкарките на Јанта волеј се хероини на минатиот викенд во нашата Прва лига затоа што остварија убедлива победа на гостувањето кај Виктори волеј, втора едноподруго со оглед дека пред тоа славеа во Битола над Пелистер волеј. Тоа значи дека во две кола по ред трумфираа над директните конкуренти за пласман во разигрувањето, па не изненадува фактот дека дојдоа до четвртото место на табелата. Актуелните шампионки сега имаат биланс 7-7, односно создадоа позитива од една победа во однос на саботните ривалки и над битолчанки. Виктори волеј го претрпе третиот пораз во четири настапи пролетва, но се разбира дека се уште останува во игра за полуфинале, особено што есеноска успеа да победи и на гостувањето во Скопје каде што до крајот на основниот тек ќе игра со Јанта волеј уште еднаш.

 

2) „Работнички – Скопје“ – „Наковски волеј“ 3:0 (25:16, 25:9, 25:13)

Вторпат сезонава, Работнички – Скопје беше убедлив против Наковски волеј. Овој пат на домашен терен, за потврда на втората позиција на табелата. Екипата од главниот град беше доминантна, па сосема заслужено создаде предност од две победи во однос на струмичанки. Наковски волеј има ефект 10-4, а Работнички – Скопје 12-2, што значи дека во евентуелен дуел на овие два тима во полуфиналето од разигрувањето, скопскиот би ја имал предноста на домашниот терен.

 

3) „Работнички – Жени“ – „Пелистер волеј“ (денеска, 19.30)

Пелистер волеј е во лоша резултатска серија во којашто се и два пораза од Јанта волеј и од Виктори волеј, кои се директни ривали на битолчанки во трката за полуфинале. Ако се знае дека Работнички – Жени има максимални 13 победи досега, а на првата меѓусебна пресметка се радуваа со 3:0 на гости, притоа губејќи само 30 поени, јасно е со каква улога двата состава ќе влезат во денешниот натпревар којшто ќе ја заокружи оваа рунда од Втората фаза-1.

 

4) „УГД Студент – Жени“ – „Ускана“ 3:0 (27:25, 25:13, 25:20)

Штипјанки направија голем чекор кон освојување на првото место во Втората фаза-2, а со тоа и до потврда на седмата позиција во конечното рангирање во лигата во натпреварувачката 2018/2019. УГД Студент – Жени третпат сезонава ја совлада Ускана, вторпат на домашен терен, а со тоа се издвои на врвот на табелата во своето квалитативно друштво. Успехот над Кичевки има уште поголемо значење поради поразот и на Универзитет во Тетово, по што УГД има две победи повеќе од најблиските ривалки.

5) „Универзитет во Тетово“ – „Бами Кор“ 1:3 (25:8, 15:25, 19:25, 21:25)

Универзитет во Тетово го претрпе третиот пораз во третиот настап пролетва и без оглед што имаше најдобра почетна позиција во Втората фаза-2, значително ги загрози шансите за првото место во оваа конкуренција. Во локалното дерби со Бами Кор, Универзитет во Тетово почна добро, убедливо го освои првиот сет и потоа потона. Бами Кор го искористи тоа и ја прекина серијата од десет лигашки порази. Откако триумфираа на првите две средби сезонава, одбојкарките на Бами Кор влегоа во губитнички резултатски вител, но со вкупно три победи, се уште можат да се надеваат дека ќе го избегнат последното место. Универзитет во Тетово не успеа да го повтори настапот од меѓусебниот дуел есеноска кога славеше со 3:1, па со четири победи е второпласиран, но сега има поголем притисок од екипите коишто се зад него.

 

Во ова коло слободна беше екипата на Македонија Макс.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *