Одбојкарски шампионат на Македонија (мажи), Втора фаза-1 и 2, (5.коло)

 

„Градски парк“ во одбојкарски сјај како некогаш

 

Шампионот Џио Струмица е пред лесно гостување кај Лирија, Весна Пробиштип ќе се обиде да го совлада Универзитет во Тетово и да се врати во трката за пласман во полуфиналето од разигрувањето, а Вардар и Шутова ќе играат за третото место на половина од овој натпреварувачки сегмент. Во понеквалитетниот дел нема отворени прашања откако Јанта волеј оствари серија од четири победи пролетва. Скопскиот состав ќе гостува кај УГД Студент, а ГОК Борец ќе ја пречека екипата на Дибра волеј

 

1) „Вардар“ – „Шутова“ (недела, 18.00)

Вардар претрпе два пораза по ред, Шутова е во серија од три победи. Скопскиот состав има осум, кичевскиот седум триумфи сезонава. Двете екипи се поранешни шампиони, а сега на третото и на четвртото место на табелата. Со еден збор, тоа е дерби според сите параметри. За разлика од есенскиот дел, составите се засилија, така што секоја споредба на овој со претходниот дуел можеби е неблагодарна, но сепак, на премиерата на 2018/2019, Вардар ја совлада Шутова со 3:2, исто така во салата „Градски парк“. Ако се знае дека Весна Пробиштип се уште математички е во игра за пласман во разигрувањето, резултатот од неделниот натпревар ќе има големо значење. На Вардар може да му обезбеди предност од две победи во однос на ривалот, а на Шутова да и донесе израмнување според билансот и продолжена надеж за продор дури и кон второто место на табелата.

 

2) „Весна Пробиштип“ – „Универзитет во Тетово“ (петок, 19.00)

Формата на Весна Пробиштип е во надолна линија, беше елиминирана и од четвртфиналето во купот, а Универзитет во Тетово ја стабилизира играта по персоналните промени во преодниот рок, така што гостинскиот тим ја носи фаворитската улога во овој меч. Тетовци славеа на првиот дуел во својата сала со 3:0, па и тој податок оди во нивна полза. Пробиштипјани имаат биланс 1-3 пролетва и веќе не се во водечката четворка, иако имаат идентичен број победи со Шутова. Оттука, за нив е исклучително важно да триумфираат над тетовци, затоа што во тој случај може да ја вратат четвртата позиција на табелата, а и самодовербата. Со оглед дека има позитива од две победи пред Вардар, а три во однос на Шутова и на Весна Пробиштип,Универзитет во Тетово може да одигра мирно, затоа што дури и со пораз ќе остане второпласиран.

 

3) „Лирија“ – „Џио Струмица“ (сабота, 19.30)

На пресметката меѓу Лирија и Џио Струмица не би требало да има неизвесност. Не поради реномето на екипите, туку поради резултатите сезонава. Бранителот на ланската двојна круна нема пораз во првенството, а лесно дојде и до полуфиналето од купот, а Лирија е во низа од шест порази во лигата. Поинаку речено, во ова елитно друштво од Втората фаза-1, тимот од Жеровјане не е рамноправен противник, така што каков било резултат освен 3:0 за струмичани би бил големо изненадување. Во три сета заврши нивната прва средба сезонава на теренот на шампионот. Лирија тогаш освои 47 поени.

 

4) „УГД Студент“ – „Јанта волеј“ (сабота, 17.00)

Јанта волеј доминираше во квартетот од Втората фаза-2, па натпреварот во Штип со УГД Студент не може да влијае на позициите на табелата. Скопскиот тим, којшто првпат игра во најквалитетната машка одбојкарска конкуренција, оствари максимални четири победи пролетва, со што создаде недостижна предност во однос на штипјани во трката за првата позиција во ова друштво. УГД Студент е сигурно втор, односно осмопласиран во конечното рангирање за сезоната 2018/2019. На двата досегашни меча славеше Јанта волеј, дома со 3:1, а на гости со 3:2.

 

5) ГОК „Борец“ – „Дибра волеј“ (петок, 19.30)

Иако постои теорија да напредува, според се досега, јасно е дека Дибра волеј ќе заврши на последното место во нашата Прва одбојкарска лига, а ГОК Борец ќе има подобар пласман само од денешниот противник. Велешани сезонава се радуваа само двапати, а тоа се случи токму во натпреварите со дебитантот во првенството. ГОК Борец во соочувањата со Дибра волеј не загуби сет, а на свој терен денеска треба да освои само еден за да го потврди третото место во Втората фаза-2.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *