Одбојкарски шампионат на Македонија (жени), Втора фаза-1 и 2, (5.коло)

 

Водечкото трио не може да биде загрозено, во фокусот е битката за четвртата позиција

 

По двете гостински победи со огромно значење, актуелните првенки ќе го предизвикаат неприкосновениот состав на Работнички – Жени. Во локалното дерби со Наковски волеј, Виктори волеј ќе бара рехабилитација за незадоволителните резултати во пролетниот дел, а тоа важи и за Пелистер волеј во пресметката со Работнички – Скопје. Бами Кор ќе му биде домаќин на тимот на УГД Студент – Жени, којшто има амбиција да ги реши дилемите за лидерското место во Втората фаза-2, а Македонија Макс ќе се обиде да ја продолжи серијата од три победи пролетва во натпреварот со Универзитет во Тетово

 

1) „Јанта волеј“ – „Работнички – Жени“ (сабота, 18.00)

Двете гостински победи по ред против директните конкуренти за пласман во разигрувањето како да го исцрпеа тимот на Јанта волеј којшто немаше сили во реваншот со Наковски волеј од четвртфиналето на купот. Актуелните шампионки сега можат да се насочат само на првенството, но пред нив прв ќе застане најтешкиот ривал. Екипата на Работнички – Жени досега нема пораз, а го доби првиот меѓусебен сезонски дуел со 3:1, исто така на гостински терен. Знаејќи дека до крајот на основниот тек ќе игра во својата сала против Виктори волеј и против Пелистер волеј, евентуален успех на Јанта волеј во натпреварите со подобропласираните ќе значи голем чекор кон влез во полуфиналето.

 

2) „Наковски волеј“ – „Виктори волеј“ (сабота, 18.00)

Наковски волеј ги загуби последните две лигашки пресметки, но успеа да обезбеди учество во полуфиналето од купот, така што со добро расположение ќе го дочека локалното дерби со Виктори волеј. На првиот сезонски меч Наковски волеј беше подобар со 3:2 и според досегашниот вкупен биланс, ја носи фаворитската улога. Има десет победи и е трет на табелата, со два триумфа помалку од Работнички – Скопје. Виктори волеј забележа шест победи и заостанува еден чекор во трката со Јанта волеј за настап во полуфиналето од првенството. По три порази на четирите пролетни средби, одбојкарките на Виктори волеј имаат поголем резултатски императив, а со тоа и притисок отколку Наковски волеј.

 

3) „Пелистер волеј“ – „Работнички – Скопје“ (сабота, 16.00)

Четирите порази во пролетните натпревари од Втората фаза-1, меѓу нив и првиот домашен сезонава, го однесоа тимот на Пелистер волеј на последното место во оваа конкуренција. Битолчанки го минаа Универзитет во Тетово и се пласираа во полуфиналето на купот, но треба брзо да се разбудат доколку сакаат да бидат меѓу четирите најдобри и во првенството. Се разбира дека шансите не се загубени, затоа што „зелено-белите“ имаат само една победа помалку од четвртопласираниот состав на Јанта волеј. Неволја за нив е што утре ќе се сретнат со екипата на Работнички – Скопје, којашто сезонава загуби двапати, но само од Работнички – Жени, а во единственото меѓусебно соочување со Пелистер волеј дома се радуваше со 3:0.

 

4) „Македонија Макс“ – „Универзитет во Тетово“ (сабота, 17.00)

Интересна ќе биде борбата за подобар пласман во Втората фаза-2. Откако се засили и почна да игра подобро, тимот на Македонија Макс оствари три победи во три натпревари во пролетниот дел и сега може да се надева дека ќе го напушти дното на табелата. За да се случи тоа, треба да го совлада Универзитет во Тетово којшто има една победа повеќе од ривалот. Струмичанки не играа во четвртфиналето од купот, беа слободни во минатото првенствено коло, така што со полна свежина ќе истрчаат во салата на ОУ „Видое Подгорец“. Тетовки не можеа да го запрат Пелистер волеј во куп-двомечот, а оваа пролет загубија на сите три средби, така што според формата поголеми шанси има домашниот состав, иако Универзитет беше доминантен на првиот сезонски натпревар со 3:0. На него Македонија Макс на туѓ терен освои само 29 поени.

 

5) „Бами Кор“ – „УГД Студент – Жени“ (сабота, 17.00)

Екипата на УГД Студент – Жени е на прагот да го потврди првото место во понеквалитетната група, а со тоа да биде седмопласирана на крајот на сезоната 2018/2019. Минатото коло во средбата со Универзитет во Тетово, Бами Кор конечно ја прекина серијата од десет лигашки порази, па ќе биде интересно да се види дали ќе има квалитет да го совлада штипскиот тим. УГД Студент – Жени досега забележа шест победи, две повеќе во однос на најблиските ривали, па доколку вторпат сезонава слави над Бами Кор, а притоа му одговара и резултатот во Струмица, уште отсега може да ја обезбеди лидерската позиција во оваа конкуренција.

 

Во ова коло слободна е екипата на Ускана.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *