Одбојкарски куп на Македонија – полуфинални натпревари

 

Универзитет во Тетово и Вардар први ќе ја отворат вратата за влез во финалето

 

Универзитет во Тетово е во поволна позиција пред утрешниот реванш од полуфиналето во купот против Вардар затоа што на првиот натпревар како гостин победи со 3:2. Ако се има предвид дека сезонава во Првата лига скопските црвено-црни претрпеа два пораза на гостувањата во Тетово, а притоа освоија само еден сет, тогаш јасно е дека нивната задача ќе биде тешка. Фактот што во Втората фаза-1 од првенството Вардар нема триумф над екипите коишто се учесници во полуфиналето од купот, а ќе бидат дел и од етапата на надобрите четири во шампионатот, зборува дека Универзитет е блиску до пласман во мечот за куп-пехарот. Ланскиот е во витрините на Џио Струмица, која сезонава претрпе само еден пораз и тоа токму од ривалот во полуфиналето, тимот на Шутова, па затоа се очекува неизвесен и исклучително интересен двобој. Првата половина од двомечот е утре во салата „Парк“ во Струмица, а реваншот во Кичево. Во пролетната фаза од првенството којашто е погодна за споредби и за прогнози, двете екипи го искористија домашниот терен во меѓусебните дуели. Џио Струмица победи со 3:1 во својата сала, а Шутова со 3:0 пред кичевската публика.

Кај дамите, Пелистер волеј и Наковски волеј утре ќе го одиграат првиот натпревар од полуфиналето од купот. Струмичката екипа е фаворит затоа што сезонава има подобри лигашки резултати, но и подобар ефект во меѓусебните пресметки со битолчанки. Со 13 победи, Наковски волеј е третопласиран во првенството, а Пелистер волеј е во исклучително лоша форма и забележа само шест победи, сите во есенскиот дел од Првата лига. Зелено-белите ги загубија осумте досегашни средби во Втората фаза-1 од шампионатот, вклучувајќи ги и двете против Наковски волеј со 3:1 дома и со 3:0 на гости. Наковски волеј беше подобар и во есенскиот дел со 3:1 на теренот на противникот што значи дека сезонава двапати славеше во Битола. Ако ја потврди фаворитската улога во двомечот, струмичкиот клуб со кратка историја ќе обезбеди прво финале. Натпревар за трофеј во купот или во првенството, сеедно, досега нема ниту Пелистер волеј, кој испиша историја и со учеството во оваа куп-фаза. Другиот двомеч од полуфиналето ќе има епилог на 17-ти април, кога Работнички Жени на свој терен ќе ја брани предноста од 3:1 во дербито со Работнички Скопје, остварена на гостински терен минатата среда.

Според правилата за натпреварување, доколку резултатот во победи и сет-количникот е идентичен, за пласман во финалето ќе решава „златен“ сет којшто ќе се игра до 15 поени, со разлика од најмалку два поена.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ):



Универзитет во Тетово – Вардар (реванш, утре 19.00) – прв натпревар 3:2 (25:22, 25:21, 17:25, 23:25, 15:12)
Џио Струмица – Шутова (прв натпревар – утре, 19.00)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ):


Работнички Жени – Работнички Скопје (реванш на 17.април) – прв натпревар 3:1 (29:27, 25:20, 19:25, 25:13)
Пелистер волеј – Наковски волеј (прв натпревар – утре, 19.30)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *