Одбојкарски куп на Македонија – полуфинални натпревари

 

Победа на бранителот на тронот, финале за Универзитет во Тетово, реализирана цел на Наковски волеј

 

Универзитет во Тетово ја испиша најсветлата страница во клупската историја со пласманот во финалето на нашиот одбојкарски куп. Во реваншот против Вардар, тетовци триумфираа со 3:1 и не дозволија противникот да се надева на пресврт откако загуби со 3:2 на домашен терен во првиот натпревар од полуфиналето. Ваквиот епилог можеби беше за очекување, ако се знае дека во Втората фаза-1 од првенството, скопските црвено-црни не се на потребното ниво и се уште немаат победа над тимовите коишто се во најдобрата четворка, а згора на тоа, на гостувањата под Шара, претходно претрпеа два пораза со само еден освоен сет. Вчерашниот за вардарци беше трет пораз во натпреварите со Универзитет во Тетово на туѓ терен.

Домашната поддршка досега се покажа клучна и во пресметките на Џио Струмица и на Шутова. Бранителот на ланската куп-титула и на двојната круна воопшто, вчера во својата сала се радуваше со 3:1 во првата половина од двомечот во годинашното полуфинале од купот. Тоа е активен резултат за двете екипи, па реваншот ќе биде исклучително интересен. Шутова го доби натпреварот во Кичево пролетва со Џио Струмица со 3:0, така што победата на лидерот во првенството вчера не мора да значи сигурен пласман во финалето. Впрочем, досегашниот биланс од меѓусебните дуели на актуелниот првак и на шампионот од 2016-та е во полза на Џио Струмица, која пролетва ги доби двете домашни средби со 3:1, но на единствената во Кичево делуваше непрепознатливо. Уште еден таков резултат ќе значи пласман на Шутова во финалето на купот.

Во женска конкуренција, нема да има неизвесност на двомечот меѓу Наковски волеј и Пелистер волеј. Струмичкиот состав вчера славеше убедливо со 3:0 на гостувањето во Битола во првиот натпревар од полуфиналето на купот, па реваншот ќе биде формалност од сите аспекти. Поради резултатот, квалитетот на екипите, формата во оваа фаза од сезоната, како и поради меѓусебните пресметки, јасно е дека Наковски волеј првпат во кратката клупска историја ќе игра финале во купот. Единствената опција за идентичен успех на Пелистер волеј е победа во реваншот со 3:0, а потоа и освојување на „златниот“ сет до 15 поени, но тоа е само теорија. Практиката вели дека Наковски волеј сезонава ги доби сите четири средби со Пелистер волеј, кој не успеа да триумфира ниту еднаш во Втората фаза-1 од лигата.

И другиот двомеч од полуфиналето ќе има епилог на 17-ти април кога Работнички Жени пред своја публика ќе ја брани предноста од 3:1 во дербито со Работнички Скопје, остварена на гостински терен пред осум дена.

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – РЕВАНШИ:

Универзитет во Тетово – Вардар 3:1 (25:21, 16:25, 25:20, 25:20)

Шутова – Џио Струмица (17.април)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (МАЖИ) – ПРВИ НАТПРЕВAРИ

Вардар – Универзитет во Тетово 2:3 (22:25, 21:25, 25:17, 25:23, 12:15)

Џио Струмица – Шутова 3:1 (25:21, 25:21, 26:28, 25:13)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – РЕВАНШИ: 

Работнички Жени – Работнички Скопје (17.април) 

Наковски волеј – Пелистер волеј (17.април)

 

ПОЛУФИНАЛЕ (ЖЕНИ) – ПРВИ НАТПРЕВАРИ

Работнички Скопје – Работнички Жени 1:3 (27:29, 20:25, 25:19, 13:25)

Пелистер волеј – Наковски волеј 0:3 (16:25, 17:25, 16:25)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *