Одбојкарски шампионат на Македонија (мажи), Втора фаза-1, (9.коло)

 

Три натпревари за формирање на полуфиналните двојки од разигрувањето

 

Вардар оствари четири победи пролетва, но ниту една не беше против екипа од водечкото трио, така што црвено-црните ќе бидат исклучително мотивирани да го совладаат Универзитет во Тетово, а со тоа да му се одмаздат за елиминацијата во полуфиналето на купот. Џио Струмица е апсолутен фаворит на гостувањето кај Весна Пробиштип, исто како и Шутова кај Лирија, но тимовите коишто се во најдобра форма повеќе ќе мислат на меѓусебниот реванш од купот отколку на лигашките пресметки од претпоследната рунда пред почетокот на разигрувањето. Овие три натпревари можат да го дадат и конечниот изглед на полуфиналето во Првата лига

 

1) „Вардар“ – „Универзитет во Тетово“ (сабота, 18.30)

Вардар и Универзитет во Тетово ќе одиграат уште еден натпревар за краток временски интервал, којшто можеби нема значење како полуфиналните пресметки во купот, но секако дека го носи епитетот дерби на претпоследната рунда од Втората фаза-1. Впрочем, викендов тоа е единствениот дуел на екипи од водечката четворка на табелата. Тетовските одбојкари досега забележаа 12 победи, а со оглед дека во завршното коло ќе ја пречекаат Весна Пробиштип, се уште решаваат сами во трката за втората позиција пред почетокот на разигрувањето. Тоа е исклучително важно затоа што во лигашкото полуфинале ќе ја имаат предноста на домашниот терен. Оттука, Универзитет во Тетово е со силни мотиви да го оствари петтиот триумф во петтиот натпревар против Вардар сезонава. Црвено-црните загубија трипати на гостувањата во Тетово, притоа освојувајќи само два сета, а пред своја публика беа поразени со 3:2 во полуфиналето од купот. Исто како ривалот, скопската екипа се засили во преодниот рок, но сепак не успеа да ги достигне поставените цели. Вардарци се четвртопласирани на табелата со 10 победи и имаат само теоретски шанси да напредуваат, а со тоа да избегнат соочување со Џио Струмица во полуфиналето од Првата лига. Што е уште поважно, двократниот македонски првак во пролетниот дел од сезоната не славеше ниту еднаш против екипите од водечката четворка, па и од аспект на мотивација и на самодоверба, нужно му е потребен успех за помирен влез во разигрувањето.

 

2) „Весна Пробиштип“ – „Џио Струмица“ (петок, 19.00)

Средбата меѓу Весна Пробиштип и Џио Струмица е реприза на ланското финале во купот, а и со оглед на реномето на тимовите, на прв поглед треба да значи дерби коешто решава значајна дилема. Но не е така. Пробиштипјани немаа сили да ја издржат трката со клубовите коишто вложија значително повеќе во преодниот рок, па загубија седум од досегашните осум натпревари во Втората фаза-1, а не можеа да влезат во најдобриот квартет ниту во купот. За разлика од нив, пак, Џио Струмица игра шампионски и постојано е на врвот на табелата. Бранителот на двојната круна претрпе само еден пораз, на гостувањето кај Шутова, а тоа значи дека веќе е сигурен на лидерската позиција, па во Пробиштип денеска може да игра мирно и без оптоварување чувајќи се за реваншот во Кичево во полуфиналето од купот. Тој дуел со Шутова засега е многу поважен за струмичани отколку гостувањето кај Весна Пробиштип. На претходните две сочувања сезонава, актуелниот првак победи со 3:0, еднаш дома, еднаш на туѓ терен.

 

3) „Лирија“ – „Шутова“ (сабота, 19.30)

Иако минатото коло против Весна Пробиштип ја прекина серијата од девет порази, екипата на Лирија нема можност да промени нешто позначајно во пласманот на табелата, особено што утре ќе игра со апсолутниот фаворит Шутова. Кичевскиот тим се уште се надева дека може да дојде и до второто место, без оглед што има победа помалку и четири бода негатива во однос на Универзитет во Тетово, па за очекување е дека ќе одигра максимално со цел да ја продолжи лигашката победничка низа на осум натпревари. Последниот и единствен пораз во оваа фаза, првакот од 2016-та го претрпе во премиерното пролетно коло на теренот на Џио Струмица, а оттогаш загуби само во средата во првиот полуфинален меч од купот, исто така во салата на бранителот на двојната титула. Претстојниот реванш против Џио Струмица во купот на 17-ти април е во фокусот на Шутова, која ќе игра за втор триумф на третиот дуел со Лирија сезонава. Есеноска во Тетово беше 3:2 за Лирија, а пролетва во Кичево 3:0 за Шутова.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *