Одбојкарски шампионат на Македонија (жени), Втора фаза-1 и 2, (9.коло)

 

Јанта волеј и Виктори волеј во директен дуел за пласман во разигрувањето

 

Главниот настан во продолжениот одбојкарски викенд во Првата лига кај дамите е натпреварот меѓу Јанта волеј и Виктори волеј, којшто може да ја реши последната непозната околу полуфиналното друштво во разигрувањето. Работнички Жени ќе го брани лидерското место на табелата на гостувањето кај Пелистер волеј, а Работнички Скопје ќе се обиде да го сочува максималниот ефект во пресметките со Наковски волеј и со тоа да се надева дека може да го преземе врвот. Натпреварите во понеквалитетниот сегмент немаат големо значење, а во нив Бами Кор ќе игра со Универзитет во Тетово, а Ускана ќе го пречека УГД Студент – Жени

 

1) „Јанта волеј“ – „Виктори волеј“ (сабота, 16.30)

Пласман во разигрувањето е влогот во натпреварот меѓу Јанта волеј и Виктори волеј. По него може да биде познато која ќе биде последната екипа со полуфинален статус во нашата најквалитетна женска одбојкарска конкуренција. Актуелните првенки се во подобра позиција затоа што имаат осум, наспроти седум победи на струмичкиот состав. Тоа значи дека доколку го искористат домашниот терен, одбојкарките на Јанта волеј ќе го обезбедат четвртото место на табелата. На првиот меѓусебен меч пролетва, Јанта волеј славеше во Струмица со 3:0, со доминација во сите сетови, така што е носител на лесната фаворитска улога иако противникот триумфираше со 3:2 есеноска на гости во главниот град. Фактот што Виктори волеј забележа само две победи во Втората фаза-1, двете против Пелистер волеј, исто така е во полза на скопскит тим, којшто покрај двата триумфа над битолчанки, токму поради победата во салата на Виктори волеј е во подобра ситуација. Предноста од два бода значи дека доколку Јанта волеј освои два сета утре, секако ќе го задржи посакуваното четврто место, по што решавачки ќе бидат натпреварите од десеттото коло во оваа лигашка етапа. Во него, Јанта волеј ќе игра со Работнички Жени, а Виктори волеј ќе се сретне со Наковски волеј.

 

2) „Пелистер волеј“ – „Работнички – Жени (петок, 19.30)

Тимот на Работнички Жени се бори за двојна круна сезонава, а Пелистер волеј ги загуби шансите за пласман во елиминацискиот сегмент од Првата лига и претрпе голем пораз во првиот меч од полуфиналето на купот. Тоа доволно зборува за силата на двете екипи во пресрет на дуелот со којшто денеска ќе почне претпоследното коло од Втората фаза-1. Битолчанки ги загубија сите осум средби пролетва, а со тоа и шансите за влез во разигрувањето. Работнички Жени, пак, сака да ја задржи првата позиција на табелата за да има предност на домашниот терен во елиминацискиот дел. Токму затоа мотивите кај скопскиот состав ќе бидат посилни, иако погледите се насочени и кон полуфиналето од купот, во коешто Работнички Жени има голема предност од 3:1 по првиот натпревар против Работнички Скопје. И Пелистер волеј е се уште во конкуренција во купот, но со домашниот пораз од Наковски волеј, можностите за финале му се само на ниво на теорија. Досегашните два меча сезонава одиграни во Скопје му припаднаа на составот на Работнички Жени со 3:0.

 

3) „Наковски волеј“ – „Работнички Скопје“ (сабота, 18.00)

Наковски волеј е сигурно трет, а Работнички Скопје се надева дека може да дојде до лидерското место во Првата лига. Оттука, третиот меѓусебен натпревар на ривалите коишто многу веројатно е да се сретнат и во полуфиналето од разигрувањето, има поголемо значење за гостинскиот тим. Работнички Скопје досега освои ист број бодови, а има подобар сет-количник од Работнички Жени, но поради тоа што забележа една победа помалку, треба да слави на преостанатите два меча во овој сегмент, а и да чека кикс на ривалот. Само во таква ситуација може да го преземе првото место на табелата. Затоа, екипата на Работнички Скопје ќе притиска за уште еден триумф, а со тоа и за максимален биланс во меѓусебните дуели со Наковски волеј. Струмичанки се на прагот да го потврдат пласманот во финалето на купот што за нив ќе биде најголем успех во кратката историја на клубот, така што можат да уживаат и во оваа средба, како вовед во натпреварите коишто најдиректно ќе решаваат за двете титули.

 

4) „Бами Кор“ – „Универзитет во Тетово“ (сабота, 17.00)

Универзитет во Тетово ја прекина серијата од пет порази минатиот викенд во натпреварот против Ускана, а Бами Кор ги загуби последните два меча и го зазеде последното место на табелата. Локалното дерби не може драстично да ги промени работите за ниту една екипа, но на претходните меѓусебни две средби беа одиграни по четири сета, така што повторно може да се очекува желба за победа кај одбојкарките на двете страни на мрежата. За Бами Кор би била петта сезонава и би значела можност да се потисне Ускана од четвртото место во оваа конкуренција, а за Универзитет во Тетово шеста, со забелешка дека не може да донесе прогрес во пласманот.

 

5) „Ускана“ – „УГД Студент – Жени“ (недела, 14.00)

Иако игра променливо во Втората фаза-2 и оствари половичен ефект 3-3, тимот на УГД Студент – Жени го презеде врвот во понеквалитетното друштво од Првата лига и со тоа е блиску да го обезбеди седмото место во конечното рангирање сезонава. Нареден предизвик за штипјанки е Ускана која ќе биде слободна наредното коло, што значи дека в недела ќе се прости од настапите за сезоната 2018/19. Кичевки имаат пет победи досега и посакуваат да го избегне „фенерот“, но за да можат да се надеваат дека ќе го подобрат пласманот, првпат сезонава треба да го совладаат штипскиот состав, а притоа да им одговараат и резултатите од другите натпревари. На досегашните три во првенството и во купот, УГД Студент двапати славеше дома со 3:0 и со 3:1, а еднаш на гости со 3:0.

 

Во ова коло слободна е екипата на Македонија Макс.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *