Одбојкарски шампионат на Македонија (мажи), Втора фаза-1, (9.коло) – преглед

 

Полуфинале: Џио Струмица – Вардар и Универзитет во Тетово – Шутова

 

Вардар го доби дербито со Универзитет во Тетово, а фаворитите Џио Струмица и Шутова остварија очекувани победи на гостувањата кај Весна Пробиштип, односно кај Лирија. По претпоследното коло во Втората фаза-1, познати се полуфиналните двојки за разигрувањето во коешто актуелниот првак и вицешампионот ќе играат во реприза на ланското финале, а Универзитет во Тетово ќе ги одмери силите со Шутова. Останува само една дилема, а тоа е кој ќе ја има предноста на домашниот терен во серијата меѓу тетовската и кичевската екипа

 

1) „Вардар“ – „Универзитет во Тетово“ 3:2 (22:25, 25:23, 25:22, 20:25, 18:16)

Вардар конечно го совлада Универзитет во Тетово во петтиот меѓусебен натпревар сезонава и ја оствари првата пролетна победа против екипа од водечкото трио. Тоа значи поголема самодоверба пред почетокот на разигрувањето во коешто црвено-црните ќе се судрат со Џио Струмица во реприза на ланското лигашко финале. Откако беа елиминирани од Универзитет во Тетово во полуфиналето од купот, вардарци психолошки го издржаа саботното соочување со ривалот, иако го загубија првиот сет. Потоа поведоа со 2:1, а во решавачкиот сет успеаја да слават по 34 одиграни поени. Со биланс 11-7 досега во Првата лига, Вардар не може да напредува на табелата, дури и да се радува со 3:0 против Шутова на гости во последното коло. Причина за тоа се четирите бода негатива во однос на кичевскиот тим, па и во случај двете екипи да имаат ист број победи, скопскиот состав ќе остане четвртопласиран. Тоа за него значи судир со бранителот на двојната круна во полуфиналето од разигрувањето. Универзитет во Тетово, пак, се уште е комотен во обидот за заврши втор, а со тоа во серијата со Шутова да има предност на домашен терен. Иако го претрпеа шестиот првенствен пораз сеознава, а трет во низа, тетовци решаваат сами за конечното рангирање по Втората фаза-1 од шампионатот. Со каква било победа над Весна Пробиштип во последното коло, Универзитет во Тетово ќе биде сигурно втор, а со тоа ќе обезбеди настап пред своја публика во евентуалната мајсторка од полуфиналето со Шутова.

 

2) „Весна Пробиштип“ – „Џио Струмица“ 1:3 (25:20, 21:25, 10:25, 16:25)

Џио Струмица загуби сет, но не дозволи изненадување на гостувањето кај Весна Пробиштип во репризата на финалето на купот од минатата сезона. Во натпреварот којшто не решаваше ништо затоа што актуелниот првак претходно го обезбеди првото место, а зелено-црните се простија и од теоретските шанси за влез во разигрувањето, струмичани ја впишаа 17-тата победа, а Весна Пробиштип го претрпе шестиот пораз по ред, вкупно осми во деветата средба пролетва. Со оглед дека ги оствари амбициите за освојување на лидерската позиција пред лигашкото разигрување, Џио Струмица сега е целосно насочена на претстојниот реванш од полуфиналето на купот против Шутова на гости. Последното коло од Втората фаза-1 против Лирија пред своја публика ќе има само формално значење, за да се заокружи одличната сезона во којашто бранителот на двојната круна загуби само еден натпревар, а на 14 од досегашните 18 од првенството, на противниците не им препушти ниту еден сет. Во пресемтката со Универзитет во Тетово наредниот викенд, со оглед дека не може да напредува, ниту пак може да и биде загрозено петтото место на табелата, Весна Пробиштип ќе игра за клупското реноме.

 

3) „Лирија“ – „Шутова“ 0:3 (10:25, 16:25, 16:25)

Според очекувањата, немаше дилеми на натпреварот меѓу Лирија и Шутова. Кичевскиот тим загуби само 42 поени и ја оствари осмата победа едноподруго во Втората фаза-1, а втора на третиот дуел сезонава со екипата од Жеровјане. На тој начин, македонскиот првак од 2016-тата ги задржа теоретските шанси да дојде до второто место на табелата и во полуфината низа со Универзитет во Тетово да ја има предноста на домашниот терен. Сепак, лошата есенска полуетата ги ограничува можностите на Шутова да оди скалило погоре, дури и доколку го совлада Вардар дома во последното коло. За да им се остварат желбите на кичевските црвено-црни, Универзитет во Тетово треба да загуби од Весна Пробиштип во својата сала, што би било големо изненадување имајќи ги предвид квалитетот на екипите и нивните резултати сезонава.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *