Одбојкарски шампионат на Македонија (жени), Втора фаза-1 и 2, (9.коло) – преглед

 

Продолжува сонот на шампионките, Јанта волеј се пласираше во разигрувањето

 

Јанта волеј го одби нападот на Виктори волеј и откако не успеа да влезе меѓу четирите најдобри во купот, обезбеди полуфинале во шампионатот. Работнички Жени триумфираше кај Пелистер волеј и го задржа првото место на табелата, а Работнички Скопје славеше кај Наковски волеј и се уште има теоретски шанси да влезе во разигрувањето од челната позиција. За конечниот изглед на полуфиналните двојки ќе решава последното коло во коешто Работнички Жени ќе игра со Јанта волеј, а Работнички Скопје против Пелистер волеј. Во понеквалитетниот натпреварувачки дел, УГД Студент Жени го освои првото место коешто одговара на седмото во конечното рангирање, а Ускана заврши последна

 

1) „Јанта волеј“ – „Виктори волеј“ 3:0 (25:22, 25:23, 25:20)

Јанта волеј триумфираше над Виктори волеј со 3:0 во натпреварот на сезоната за двете екипи. По него, актуелните шампионки обезбедија учество во полуфиналето од разигрувањето, а струмичканки ќе завршат петтопласирани во конечното рангирање во сезоната 2018/19. Ваков ќе биде епилогот на Втората фаза-1 во најсилната женска одбојкарска конкуренција кај нас, без оглед како ќе завршат натпреварите од десеттото коло. Јанта волеј има девет победи, две повеќе од Виктори волеј што значи дека не постои опција за промени. Со четири успеси во меѓусебните дуели пролетва против Пелистер волеј и против Виктори волеј, ланските првенки го заслужија местото во полуфиналето. Струмичкиот состав беше блиску во сите три сета на саботното гостување во Скопје, но не можеше да го повтори успехот од есеноска кога во главниот град славеше со 3:2. Оттука, за него формален ќе биде мечот со Наковски волеј наредниот викенд, исто како и за Јанта волеј против Работнички Жени.

 

2) „Пелистер волеј“ – „Работнички – Жени 0:3 (17:25, 10:25, 17:25)

Работнички Жени славеше над Пелистер волеј со 3:0 третпат сезонава, но за разлика од претходните два меча, сега на гостински терен. Водечкиот состав на табелата ја потврди несомнената разлика во квлитет и не му дозволи на противникот да се надева дека може да освои сет. Скопскиот тим влезе во средбата со намера да ја задржи лидерската позиција на табелата, којашто не е безбедна и покрај 18-те победи на досегашните 19 натпревари. Оттука, за Работнички Жени и последниот натпревар во оваа фаза од шампионатот ќе биде со победнички императив, но тој ќе дојде на агендата по реваншот од полуфиналето во купот против големиот ривал Работнички Скопје. Тимот на тренерот Горан Славков обезбеди предност од 3:1 во првата половина од двомечот на гостински терен, така што за неколку дена може да реализира две значајни цели. Првата е да заврши на челното место во првенството, а втората е да се пласира во финалето на купот. Таква теоретска можност има и Пелистер волеј, но таа постои само на хартија затоа што битолчанки загубија со 3:0 пред своја публика против Наковски волеј во воведниот полуфинален куп-натпревар. Ако се знае дека пролетва во Втората фаза-1 ги загубија сите девет средби, јасно е дека шансите во реваншот им се помалку од симболични. Но со оглед дека неодамна се вратија во сениорски натпреварувачки рамки, оваа сезона за битолските одбојкарки може да добие преодна оценка.

 

3) „Наковски волеј“ – „Работнички Скопје“ 2:3 (27:25, 12:25, 12:25, 25:21, 11:15)

Наковски волеј е далеку напред во однос на екипите зад него, но никако не успеа да направи решавачки чекор за да им се приближи на водечките тимови во лигата. Како и минатото коло против Работнички Жени, струмичкиот состав сега загуби од Работнички Скопје, но на домашен терен, повторно во пет сета. Сезонава Наковски волеј има шест порази, по три од екипите со име Работнички, па за да оствари резултат којшто е доволен за пехар, треба да најде начин да победува против нив. Работнички Скопје, пак, ја оствари целта по голема борба и остана во тесна трка за врвот, но не решава сам, па дури и со очекуван успех над Пелистер волеј во последното коло, можеби ќе треба да се задоволи со второ место пред разигрувањето, доколку Работнички Жени слави над Јанта волеј. Сепак, за Работнички Скопје во фокусот најпрво е претстојниот реванш од полуфиналето во купот со лидерот на табелата, а дури потоа на ред ќе дојде разврската во Втората фаза-1. Доколку нема поместување на табелата, Работнички Скопје ќе игра со Наковски волеј, а Работнички Жени со Јанта волеј во полуфиналето од разигрувањето во Првата лига.

 

4) „Бами Кор“ – „Универзитет во Тетово“ 3:0 (25:22, 25:21, 25:18)

Локалното тетовско соочување му припадна на Бами Кор кој го напушти дното на табелата и сега е четвртопласиран во понеквалитетното натпреварувачко друштво. Универзитет во Тетово пролетва не игра на ниво, загуби шест од седумте меча и најмногу што може да се надева е да остане на третото место во оваа конкуренција. Бами Кор има пет победи, исто колку Универзитет, но поради бод помалку во однос на ривалот е подолу во рангирањето. Откако двете екипи одиграа по четири сета на претходните две средби на коишто забележаа по една победа, со саботниот триумф Бами Кор поведе со 2-1 во меѓусебните дуели сезонава.

 

5) „Ускана“ – „УГД Студент – Жени“ 1:3 (23:25, 25:21, 22:25, 17:25)

Четвртата победа на седмиот натпревар во Втората фаза-2, на одбојкарките на УГД Студент – Жени им донесе потврда на првото место во овој сегмент, со тоа и седма позиција во конечното рангирање во сезоната 2018/19. По четити сета, штипјанки се радуваа кај Ускана, која ќе биде слободна наредното коло, така што викендов се прости од настапите во Првата лига. Кичевки останаа на пет победи, па ќе немаат можност да го избегнат „фенерот“. Во меѓусебните пресметки со УГД Студент Жени сезонава не најдоа противигра, па загубија трипати во првенството и еднаш во купот.

 

Во ова коло слободна беше екипата на Македонија Макс.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *