Одбојкарски куп на Македонија 2018/2019 – финални натпревари

 

Ден за распределба на првите пехари во сениорска конкуренција сезонава

 

Џио Струмица ќе го брани тронот против Универзитет во Тетово во машкото, а Наковски волеј ќе игра со Работнички Скопје во женското финале на Одбојкарскиот куп на Македонија за сезоната 2018/2019. Двата натпревара се закажани на 30.04.2019. во салата „Парк“, што значи дека Џио Струмица и Наковски волеј ќе ја имаат предноста на домашниот терен. Но за разлика од струмичките одбојкари, коишто го освоија куп-пехарот петпати во последните седум години, сите други екипи се надеваат на првиот трофеј во клупските витрини. Собранискиот сервис на МРТ ќе ја пренесува двојната програма, нешто пред 17 часот и 30 минути е женското финале меѓу Наковски волеј и Работнички Скопје, а веднаш потоа и машкото меѓу Џио Струмица и Универзитет во Тетово

 

Ако се суди според резултатите во сезоната и според реномето градено врз база на освоените трофеи, Џио Струмица треба да биде апсолутен фаворит во машкото куп-финале против Универзитет во Тетово. Во последните седум години, струмичани само двапати дозволија да им побегне пехарот во одбојкарскиот куп, во 2013-та кога се радуваше Вардар и во 2016-та кога најуспешна беше Шутова. Доколку на оваа доминација се спомене податокот дека во истиот период Џио Струмица има и пет првенствени пехари, сезонава е бранител на двојната круна, а во неа загуби само еден натпревар во сите конкуренции, тогаш е јасно од какви позиции ќе влезе во финалето. Универзитет во Тетово го освои второто место во шампионатот иако во пролетниот дел не ги исполни очекувањата со половичниот билaнс 5-5, но кога е веќе на еден меч до тронот, мора да се смета и на неговата шанса да ја оствари амбицијата. Неизвесниот настап на Бугаринот Генов, исто така, е голема предност за Џио Струмица, како и фактот што ќе игра пред своја публика. Во меѓусебните соочувања сезонава, Универзитет во Тетово загуби трипати од ривалот, притоа не освојувајќи ниту сет на два меча.

Ист е билансот во меѓусебните одмерувања на силите и кај финалистките од Наковски волеј и од Работнички Скопје. Екипата од главниот град ги доби трите пресметки во шампионатот, двапати со 3:0 и еднаш со 3:2, а на две од тие три средби играше на гостински терен. Двата тима досега немаат трофеј во купот, па кој и да слави, ќе го прослави најголемиот успех во клупската историја.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *