Балканска одбојкарска федерација (БВА) – календар за натпреварувања во летото 2019

 

Четири македонски репрезентации ќе настапат на балканските првенства

 

Пред нас е долго, значајно, богато и според сите параметри, уникатно лето за македонската одбојка. И покрај целосната насоченост кон подготвителниот период и учеството на претстојниот ЦЕВ Евроволеј 2019 на нашата машка сениорска репрезентација, што за неа е дебитантски пласман на европските првенства, Одбојкарската федерација на Македонија пријави настап на четири национални младински селекции на балканските шампионати претстојното лето. На денешниот состанок на техничката комисија на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА), беше одреден календарот на вкупно шест натпреварувања и на два таканаречени „детски фестивала“.


На Балканското првенство за играчи до 20 години во Тирана, во периодот од 24-ти до 28-ми јуни, нашата јуниорска селекција ќе игра во групата „Бе“ во којашто се и Србија и Турција. Црвено-жолтиот состав за играчи до 18 години ќе се натпреварува во Приштина од 6-ти до 10-ти јули во конкуренција на Албанија, на Турција и можеби и на Романија доколку го потврди настапот.


Во женска конкуренција, од 20-ти до 24-ти август, македонската репрезентација до 17 години ќе настапи на Балканскиот шампионат во Какањ, во групата „А“ во којашто се и домаќинот Босна и Херцеговина, Грција и Бугарија, а националниот тим за одбојкарки до 16 години, во периодот од 2-ри до 7-ми јули, ќе истрча на медган во Врњачка Бања, во силно друштво во групата „А“ против домаќинот Србија, Црна Гора и Бугарија.


Покрај оваа обемна меѓународна програма со натпреварувачки карактер, Македонија ќе биде претставена и на „KIDS Festival“ – детскиот фестивал и во машка и во женска конкуренција којшто ќе биде одржан на први јули во Нови Сад.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *