Одбојкарски шампионат на Македонија – полуфинале (втори натпревари)

 

Фаворитите создадоа предност и уште викендов се надеваат на место во финалето

 

Џио Струмица и Шутова во машка, како и Работнички Жени и Работнички Скопје во женска конкуренција, очекувано забележаа победи во првите натпревари од полуфиналето во Првата одбојкарска лига на Македонија. Доколку го задржат одличниот ефект против ривалите и во утрешните натпревари, експресно ќе бидат формирани финалните двојки

 

1) „Вардар“ – „Џио Струмица“ (сабота, 20.00)

Седумкратниот првак ја отвори серијата против Вардар со домашна победа со 3:1, па доколку слави утре во Скопје, тогаш ќе обезбеди пласман во финалето на разигрувањето. Црвено-црните немаат избор и ако сакаат да останат во трка за прогрес во наредното коло, првпат сезонава треба да триумфираат во меѓусебните дуели со ривалот. Тоа ќе биде тешка задача, затоа што на претходните четири освоија само три сета, а два натпревара загубија со по 3:0. На единствениот меч во главниот град беше 3:2 за актуелниот победник на купот и освојувач на куп-пехарот, така што сите параметри пред утрешната пресметка во СРЦ „Кале“ се на страна на струмичани. Вардарци можат да се потпрат на освоениот сет во средата во салата „Парк“ на теренот на ривалот и да се обидат да и го нанесат само вториот пораз на Џио Струмица сезонава во сите конкуренции. На тој начин, барем засега, ќе го попречат патот на Џио Струмица кон седмата шампионска титула, којашто ќе значи освојување на седмата двојна круна во клупската историја. Вардар има два првенствени трофеја, последниот во 2013-тата.

 

2) „Шутова“ – „Универзитет во Тетово“ (сабота, 18.30)

Со серијата од девет победи во Втората фаза-1, Шутова се наметна како фаворит во полуфиналната низа со Универзитет во Тетово иако противникот заврши второпласиран, што е за едно место погоре од кичевските одбојкари. Сепак, добрата форма Шутова ја потврди со големата победа над ривалот во средата со 3:0 и тоа на гостински терен, по што изгледа дека утре треба само да го завери пласманот во финалето. По конечното оформување на составите на екипите за пролетниот дел, Шутова оствари три триумфи над ривалот едноподруго, од коишто два беа во Кичево, а Универзитет во Тетово сезонава го доби само првиот од четирите меѓусебни средби. Оттука, ако се биде според очекувањата, Шуова ќе добие шанса да игра за втората првенствена титула во својата витрина. Првата ја освои во 2016-та. Тетовци досега немаат пехар во шампионатот или во купот.

 

Прва лига (мажи) – полуфинале (први натпревари)

Џио Струмица – Вардар 3:1 (25:16, 25:22, 22:25, 25:23)

Универзитет во Тетово – Шутова 0:3 (17:25, 22:25, 18:25)

 

3) „Јанта волеј“– „Работнички Жени“ (сабота, 18.00)

Најдобрата екипа во нашата најквалитетна женска одбојкарска конкуренција сезонава четирпати се радуваше во меѓусебните пресметки така што е фаворит за победа од 2-0 над Јанта волеј во полуфиналето од разигрувањето. Работнички Жени во туѓа сала победуваше со 3:1, а во својата со 3:0, па во пресрет на утрешниот втор натпревар од серијата се наоѓа во поволна позиција против младиот состав на се уште актуелните првенки. Во Втората фаза-1, Јанта волеј ги совлада само полошопласираните тимови, а ги загуби сите шест меча со подобропласираните, што посочува дека неговите шанси за целосен резултатски пресврт во низата се минимални. Сепак, прв чекор е утрешниот натпревар по којшто Работнички Жени може да го завери учеството во финалето.

 

4) „Наковски волеј“ – „Работнички Скопје“ (сабота, 19.00)

Наковски волеј го оствари најголемиот успех во клупската историја со пласманот во финалето на националниот куп. Во него, на домашен терен загуби од Работнички Скопје, а потоа претрпе пораз и во првото соочување во полуфиналето од лигашкото разигрување, па тимот од главниот град има целосна супремација со пет победи на пет меча сезонава. Тоа значи дека скопскиот состав, којшто веќе го освои куп-пехарот, е многу блиску до настап во финалето во првенството. На трите меча со противничките пред своја публика сезонава, струмичките одбојкарки играа промеливо и освоија вкупно пет сета, па доколку успеат да се надминат себеси, тогаш ќе се изборат за мајсторка во серијата.

 

Прва лига (жени) – полуфинале (први натпревари)

Работнички Жени – Јанта волеј 3:0 (25:18, 25:13, 25:22)

Работнички Скопје – Наковски волеј 3:1 (25:21, 26:24, 17:25, 25:18)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *