Одбојкарски шампионат на Македонија – полуфинале (втори натпревари)

 

Вардар и Џио Струмица утре ќе играат мајсторка, а Шутова, Работнички Жени и Работнички Скопје веќе се подготвуваат за финале

 

Одбојкарите на Вардар го совладаа актуелниот првак Џио Струмица, па за пласман во финалето ќе решава трет натпревар во нивната серија. Шутова го елиминираше Универзитет во Тетово со 2-0 во победи, а со минимален број средби во финалето на женското одбојкарско првенство се пласираа и двете екипи со име Работнички. Бранителките на тронот, одбојкарките на Јанта волеј, не успеаја против Работнички Жени, а Наковски волеј беше елиминиран од Работнички Скопје

 

1) „Вардар“ – „Џио Струмица“ 3:0 (25:21, 25:15, 25:21)

Вардар конечно одигра на посакуваното ниво и ја совлада Џио Струмица со 3:0 во вториот натпревар од полуфиналето во нашата најквалитетна машка одбојкарска конкуренција. На тој начин, скопските црвено-црни израмнија на 1-1 во серијата до две победи и се изборија за мајсторка утре на теренот на противникот. Двократниот македонски првак во саботниот дуел во СРЦ „Кале“ влезе со четири порази од струмичани сезонава, но сепак успеа убедливо да триумфира не дозволувајќи му на ривалот да се понадева дека може да остане во рамноправна битка. Вардарци освоија сет на првиот меч во салата „Парк“ во Струмица и покажаа дека се решени да го притиснат противникот колку што може повеќе, но за да обезбедат финале и најмалку да го повторат ланскиот успех кога беа вицепрваци, треба да победат и утре на гостински терен. А тоа е тешка задача со оглед дека Џио Струмица сезонава има само еден пораз. Сепак, задачата не е неостварлива, како што е реална и амбицијата на струмичани повторно да ја освојат двојната круна. Досега во шампионатот тоа им успеа шестпати.

 

2) „Шутова“ – „Универзитет во Тетово“ 3:0 (25:21, 25:23, 25:22)

Шутова ја потврди фаворитската улога против Универзитет во Тетово со уште една победа со 3:0 во полуфиналето од разигрувањето. Кичевските одбојкари сега се на чекор до повторување на успехот од 2016-тата кога станаа прваци на Македонија, а на тој пат воопшто не беа попречени во реваншот со тетовската екипа. Иако резултатот во трите сета беше тесен, Шутова имаше целосна контрола и четвртипат сезонава славеше над противникот. Универзитет во Тетово се радуваше само во првата пресметка есеноска, а откако екипите ја добија конечната физиономија, кичевските црвено-црни триумфираа на четири средби едноподруго. Две од нив во полуфиналната низа од разигрувањето, а две претходно во Втората фаза-1. Оттука, Шутова може мирно да се подготвува за првиот натпревар од финалето којшто е закажан за в петок. Без разлика кој ќе и биде противник, Шутова ќе игра дома на премиерниот меч во серијата до три победи, во којашто кичевци ќе влзат со негатива од 1-0.

 

Прва лига (мажи) – полуфинале (први натпревари)

Џио Струмица – Вардар 3:1 (25:16, 25:22, 22:25, 25:23)

Универзитет во Тетово – Шутова 0:3 (17:25, 22:25, 18:25)


Прва лига (мажи – полуфинале (реванши)

Вардар – Џио Струмица 3:0 (25:21, 25:15, 25:21)

Шутова* – Универзитет во Тетово 3:0 (25:21, 25:23, 25:22)

 

3) „Јанта волеј“– „Работнички Жени“ 0:3 (21:25, 14:25, 12:25)

Иако цела сезона се насетуваше ваков епилог, од саботата има и конечна потврда дека Македонија ќе добие нов првак во женската одбојка. Ланскиот шампион Јанта волеј ја загуби полуфиналната низа од Работнички Жени по две пресметки. И нивната втора заврши со победа од 3:0 за најдобриот тим во нашата најквалитетна одбојкарска конкуренција сезонава. Младиот состав на Јанта волеј немаше сили да му парира на ривалот којшто триумфираше на сите пет меѓусебни пресметки во натпреварувачката 2018/2019 и заслужено го продолжи патот кон шампионскиот престол.

 

4) „Наковски волеј“ – „Работнички Скопје“ 2:3 (22:25, 28:26, 25:17, 21:25, 12:15)

Работнички Скопје го освои купот, а со пласманот во финалето ја реализираше и првата цел во шампионатот. Наковски волеј одигра уште еден рамноправен натпревар со скопскиот тим, дури имаше и водство од 2-1 во сетови, но загуби со 3-2 во реваншот од полуфиналната серија, а со тоа се соочи со елиминација. Струмичките одбојкарки сезонава не најдоа начин да трумфираат против Работнички Скопје којшто го искористи искуството за победа на сите шест меѓусебни средби, вклучувајќи го и финалето во купот. Оттука, Работнички Скопје ќе игра со Работнички Жени за да ја освои двојата круна.

 

Прва лига (жени) – полуфинале (први натпревари)

Работнички Жени – Јанта волеј 3:0 (25:18, 25:13, 25:22)

Работнички Скопје – Наковски волеј 3:1 (25:21, 26:24, 17:25, 25:18)

Прва лига (жени) – полуфинале (реванши)

Јанта волеј – Работнички Жени* 0:3 (21:25, 14:25,12:25)

Наковски волеј – Работнички Скопје* 2:3 (22:25, 28:26, 25:17, 21:25, 12:15)




Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *