Одбојкарско првенство на Македонија – полуфинале (мајсторка)

 

Џио Струмица – Вардар 3:1 (25:21, 25:15, 26:28, 25:21), првакот обезбеди финале со Шутова

 

Вардар беше достоен противник, но не успеа да направи целосен пресврт и да ја елиминира Џио Струмица во полуфиналето од разигрувањето во Првата машка одбојкарска лига на Македонија. Бранителот на ланската титула славеше со 3:1 во мајсторката во салата „Парк“ и ја доби серијата против скопските црвено-црни со 2-1 во победи. Со тоа обезбеди финале против Шутова.

Откако вардарци во саботата пред своја публика успеаја да го забележат првиот триумф во петтиот меѓусебен натпревар со струмичани, кај нив се зголеми оптимизмот дека можат да направат изненадување и да го попречат ривалот во обидот да ја освои седмата првенствена титула. Сепак, одбојкарите на Џио Струмица тргнаа силно во мајсторката и лесно поведоа со 2:0, губејќи 21 и 15 поени во првите два сета. Во третиот, Вардар беше рамноправен и подобар и намали на 2:1, но набрзо стана јасно дека Џио Струмица ќе ја продолжи битката за тронот во нашата најквалитетна машка одбојкарска конкуренција. Вардар лани беше вицепрвак и загуби токму од струмичкиот состав, а досега двапати го освојуваше шампионскиот престол. Најпрво во 1995-тата, а потоа и во 2013-тата. Џио Струмица има шест првенствени титули, а премиерната ја освои во првиот шампионат во независна Македонија во 1994-тата. Тоа значи дека полуфиналната серија меѓу Џио Струмица и Вардар беше пресметка на првите два шампиона во нашата Прва лига.

Финалето за тековната сезона ќе почне в петок. Во серијата до три победи, Џио Струмица ќе влезе со предност од 1-0, но Шутова ќе игра дома во првиот натпревар којшто ќе оди во живо на Собранскиот сервис на МРТ со почеток во 18 часот и 55 минути. Шутова досега има една титула освоена во 2016-тата, а тоа е единствена година од последните пeт во којашто Џио Струмица не беше првак.

 

Прва лига (мажи) – полуфинале (први натпревари)

Џио Струмица – Вардар 3:1 (25:16, 25:22, 22:25, 25:23)

Универзитет во Тетово – Шутова 0:3 (17:25, 22:25, 18:25)

Прва лига (мажи) – полуфинале (реванши)
Вардар – Џио Струмица 3:0 (25:21, 25:15, 25:21)

Шутова* – Универзитет во Тетово 3:0 (25:21, 25:23, 25:22)


Прва лига (мажи) – полуфинале (мајсторка)

Џио Струмица* – Вардар 3:1 (25:21, 25:15, 26:28, 25:21)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *