Одбојкарски првенство на Македонија – финале (мажи)

 

Седма шампионска титула за Џио Струмица

 

Струмица повторно слави! Седмипат се радуваше на шампионската титула во македонската машка одбојка и му се доближи на неприкосновениот Работнички Фершпед којшто има 15 пехари. Вардар може да се гордее со два, а Шутова и Шкендија со по еден првенствен пехар

 

Одбојкарите на Џио Струмица ја освоија третата двојна круна по ред, вкупно шеста, а со тоа и 13-от пехар во клупските витрини, седми првенствен. Во вториот натпревар од финалето во разигрувањето ја совладаа Шутова во својата сала „Парк“ со 3:0 (25:23, 25:22, 25:17) и со 3-0 ја завршија серијата во којашто влегоа со почетна предност од 1-0 во победи. Денеска во составот на Шутова беше средниот блокер Ѓоко Јосифов, а тоа овозможи интернационалците Коељо, Азаров и Суботиќ да бидат подобри отколку пред три дена во Кичево, така што натпреварот беше порамноправен. Сепак, искуството и квалитетот на струмичани пресуди во решавачките моменти особено во првиот и во вториот сет, така што домашниот состав не пропушти можност експресно да го зграпчи пехарот.

Џио Струмица освои 14 поени од сервис и од блок, шест повеќе од противникот којшто воспостави рамнотежа според бројот на освоени поени од напад. Шутова имаше седум грешки повеќе, а тие нијанси во статистиката го решија победникот. Славе Наков оствари 11, а Стојан Илиев и Ристо Николов по 10 поени во славеничкиот состав. Шест имаше Марјан Урдов, пет капитенот Васе Михаилов, а четири Тиме Ричлиев. Кај Шутова, Украинецот Азаров заврши со 16, Србинот Суботиќ со 11, Бразилецот Коељо со 7, Ѓоко Јосифов 6, а Ѓоко Маџиров еден поен.

На втори јуни репрезентативците од Џио Струмица ќе ги почнат подготовките на македонската репрезентација за настапот на Европското првенство во септември. Дотогаш ова ќе бидат денови за нивно ново уживање.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *