Селекторот Матијашевиќ го објави списокот играчи за нашето деби на континенталните самити

 

Со проверени одбојкари на историското прво европско првенство за Македонија

 

Објективно не можеше да има новитети, ниту пак има потреба! Селекторот Наикола Матијашевиќ ќе се потпре на проверен кадар во подготовките, а потоа и во настапот на македонската репрезентација на Европското првенство во септември. Нашиот национален состав првпат ќе учествува на континентален собир, па секоја активност претстојното лето за црвено-жолтите го носи епитетот историска. Оттука, не само што ќе гради игра којшато треба да биде на повисоко ниво отколку во квалификациите, туку селекторот треба да создаде и соодветна атмосфера во националниот тим. Токму поради тоа, решението дресот да го носат проверени играчи е логично, исто како што е и изнудено со оглед на можноста за избор.

На списокот на Матијашевиќ се 18, а постои можност да работат 17 одбојкари. Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски и Марко Јуниор Стошиќ се нашите стандардни техничари, капитенот Никола Ѓорѓиев и Марјан Урдов се во улога на коректори, за примачка дијагонала ќе конкурираат Владо Милев, Александар Љафтов, Александар Милков, Васе Михаилов, Стојан Илиев и Лука Костиќ, на позиција среден блокер ќе бидат Филип Маџунков, Иван Андонов, Славе Наков, Ѓоко Јосифов и можеби се уште неизвесниот Ристо Николов, а како либера Дарко Ангеловски и Филип Николовски.

Десетмина од овие играчи се интернационалци, петмина играат за шампионот Џио Струмица, а по еден лани настапуваше за Шутова и за Весна Пробиштип. Основата на тимот е јасна, тоа се играчите коишто го носеа товарот во квалификациите и во Европската лига минатите сезони, иако би било добро посеризоно да се наметне уште некој. Во таков случај, поголеми ќе бидат шансите на Македонија за солидна премиера на европските првенства. Ние ќе играме во групата во Љубљана, а во првиот натпревар на 12-ти септември ќе се соочиме со Финска, ден потоа ќе сервираме со Турција, а на 14-ти ќе одиме на мегдан со актуелниот европски шампион Русија. По ден пауза, на 16-ти ќе играме со Белорусија, а на 17-ти септември со домаќинот на групата Словенија. Откако ЦЕВ реши на континеталните самити да учествуваат 24 репрезентации, во елиминацискиот сегмент ќе има и осминафинале, во коешто ќе се пласираат најдобрите четири репрезентации од четирите групи. Покрај во Љубљана, ќе се игра и во Монпелје, Нант и во Париз во Франција, во холандските градови Амстердарм, Апелдорн и Ротердам, како и во Брисел и во Антверпен во Белгија.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *