Одбојкарско првенство на Македонија – финале (жени) – мајсторка

 

Работнички Жени или Работнички Скопје, пехарот вечер ќе добие сопственик

 

Во меѓусебните пресметки сезонава, Работнички Жени и Работнички Скопје остварија по три победи на четири средби пред своја публика. Но финалната серија покажа дека домашниот терен не е клучна предност, па најголемите ривали во нашата женска одбојкарска конкуренција во натпреварувачката 2018/2019 ќе влезат со подеднакви шанси да се закитат со шампионскиот прстен. Ако ја остварат целта, избраничките на Горан Славков ќе го освојат првиот трофеј сезонава, во спротивно, одбојкарките на Глигор Христов ќе ја прослават двојната круна. Мајсторката во салата „Градски парк“ ќе почне во 20 часот и 30 минути

 

Двете најдоби екипи во женската одбојка кај нас денеска ќе ја одиграат мајсторката во финалето на Првата лига. Работнички Жени имаше водство од 2-0 во серијата до три победи, но Работнички Скопје ги доби последните два натпревара, така што се избори за шанса да ги обедини титулите со оглед дека претходно го крена пехарот и во купот. Поради подобриот биланс во основниот тек во којшто имаше само еден пораз, Работнички Жени имаше можност да избере каде ќе настапи на вечерашниот дуел, па имајќи го предвид фактот дека загуби во втората финална пресметка во којшто беше домаќин во салата на ОУ „11 Октомври“, а потоа претрпе пораз во неа и како гостин, клупското раководство реши мајсторката да ја игра во салата во „Градски парк“.

Но ако се земе предвид текот на финалната низа, својата сала досега не се покажа пресудна затоа што на два од три меча славеше гостинскиот состав. Билансот во меѓусебите средби е изедначен 4-4, Работнички Скопје беше поуспешен од ривалките со „златен сет“ во полуфиналето од купот, а можеби има и психолошка предност поради фактот што е во низа од два триумфа едноподруго без да загуби сет, притоа издржувајќи го притисокот дека нема право на грешка. Така беше уште по првиот меч од финалната серија во којашто Работнички Жени влезе со почетна предност од 1-0 во победи, како поуспешен тим од полуфиналната двојка 1-4. Но убавината во ваквите натпревари е во тоа што решаваат нијанси, тешко е да се прогнозира, а со тоа привлечноста секогаш е голема. Јасно и сигурно е само тоа дека веќе нема одолговлекување, пехарот вечер ќе добие сопственик!

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *