Подготовки за Европското првенство 2019 (Холандија, Белгија, Франција и Словенија)

 

Македонските одбојкари од денеска работат под надзор на француски кондиционен тренер

 

Првата фаза од подготовките за премиерниот настап на европските првенства не содржи контролни натпревари, така што во неа селекторот Никола Матијашевиќ се обидува да ја врати формата кај македонските одбојкари на ниво од завршувањето на клупската сезона. Се уште тренираат петнаесетмина, а од денеска покрај тактичкиот дел, тие ќе работат и на физичката подготовка под надзор на кондициониот тренер Жан Пјер Рејно Шоке. Францускиот стратег се грижи за физичката состојба на играчите на Париз волеј, така што претходно работеше со браќата Ѓорѓиеви коишто го носеа дресот на овој клуб. Шоке сега ќе има задача да создаде програма со којашто нашите репрезентативци ќе бидат максимално подготвени да ги издржат напорите за време на Европскиот шампионат во септември, кога за шест дена треба да одиграат пет натпревари во групната фаза. А тоа бара соодветна физичка, покрај незибежната тактичка подготовка.

„Навистина ова е најздодевната фаза од подготовките за секој спортист, но мора да потенцирам дека за нас е исклучително значајна за да ја вратиме форма од клупските настапи. Некои од нас имаа цел месец пауза, некои дури и повеќе, па овој период е добар за сите, без разлика што не играме натпревари“, вели примачот Александар Љафтов кој е еден од најстандардните македонски репрезентативци.

Црвено-жолтиот табор ќе работи во Скопје до 22-ри овој месец, потоа ќе има тринеделен одмор, а повторниот собир е закажан за 14-ти јули во Маврово. Во текот на август нашите одбојкари ќе одиграат пријателски натпревари со Шведска и со Романија, на турнирот „Чајка“ во Скопје ќе учествуваат Белгија, Бугарија и Украина, а во септември ќе имаат двомеч на гостински терен против Австрија. Европското првенство ќе го почнеме против Финска, а потоа редоследно ќе играме со Турција, со Русија, со Белорусија и со домаќинот на групата во Љубљана – Словенија.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *