Македонските одбојкари ја почнаа европската мисија

 

Со видливо силна мотивација, нашите репрезентативци го изговорија првото “здраво” во Маврово. Во базата во којашто во наредните 30 дена ќе се подготвуваат за дебитантскиот настап на најзначајната европска сцена, атмосферата е опуштена, но само на прв поглед. Учеството на септемврискиот Европски шампионат е врв на репрезентативната кариера за македонските одбојкари коишто со особена возбуда го одржаа првиот состанок како вовед во претстојниот месец за посветена работа во Маврово. Во мислите е само одбојка!

 

На списокот на селекторот Никола Матијашевиќ се петнаесетмина играчи. Марјан Урдов не одговори на повикот, а Александар Милков се уште ја санира повредата. Стручниот штаб е засилен со тренерот Ратко Павличевиќ, а со одбојкарите ќе работи и кондициски тренер од Франција.

 

По мавровскиот дел, репрезентацијата ќе се пресели во Скопје и ќе влезе во серија пријателски натпревари. Првиот на Европското првенство ќе биде на 12- ти септември против Финска. Во групата во Љубљана се и Турција, Русија, Белорусија и кодомаќинот Словенија.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *