Еден месец до почетокот на Европското првенство

 

Милков и Стошиќ нема да патуваат на пријателскиот двомеч со Романија

 

По две недели силни физички тренинзи и потоа уште две на тактичко-технички план, македонската одбојкарска репрезентација има само уште три дена работа во Маврово. На собир се петнаесетмина играчи, а од списокот на селекторот Никола Матијашевиќ сега недостасува само Марко Јуниор Стошиќ. Повредата на стомачните мускули значи дека тој не само што нема да работи деновиве со тимот, туку и нема да патува во Крајова на првите контролни мечеви претстојниот викенд. Со оглед дека се приклучи подоцна и се уште физички не е на потребното ниво, против Романците нема да игра ниту Александар Милков. Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Маџунков се веќе во полна сила, а со помал интензитет тренира капитенот Никола Ѓорѓиев, но не станува збор за повреда којашто може да го спречи да настапи против Романија. Со репрезентацијата е и новиот асистент на селекторот Матијашевиќ, српскиот стратег Душко Николиќ, така што македонскиот национален состав е речиси комплетен пред пријателските средби коишто треба да бидат финална подготовка за настапот во Љубљана. По двомечот со Романија, одбојкарите ќе се вратат во Скопје каде што од 23-ти до 25-ти овој месец ќе одиграат два натпревара и ќе имаат еден заеднички тренинг со Шведска, а на 30-ти и на 31-ви ќе се тестираат на традиционалниот турнир „Чајка“ на којшто ќе учестуваат Белгија, Бугарија и Украина. Потоа следува уште еден двомеч, но на гостински терен во Австрија како последна проверка пред Европскиот шампионат. Значи, за разлика од Маврово каде што одбојкарите работеа изолирани, сега на ред е период со комбинација од тренинзи и од натпревари, така што втората половина од двомесечните подготовки би требало да помине побрзо. Главното е од 12-ти до 17-ти септември во Љубљана каде што македонската репрезентација ја заработи привилегијата првпат да се промовира на големата евросцена.

 

А откако ја минаа бариерата и го обезбедија континенталниот билет, нашите одбојкари сакаат ниво погоре, поинаку кажано, влез во осминафиналето на Европското првенство. За да се оствари целта, потребни се две победи, односно пласман до четвртото место во групата во арената „Стожице“. Таму пред нас ќе бидат Финска, Турција, Русија, Белорусија и домаќниот Словенија.

 

Турција и Белорусија играа во финалето на Златната европска лига и на тој начин го потврдија квалитетот. Русија ја освои Лигата на нации, а пласманот на Олимписките игри во Токио преку интерконтиненталните квалификации само ја истакна кандидатурата на „зборнаја“ да го одбрани европското злато на претстојниот септемвриски самит. На турнирот во Санкт Петербург Русите не загубија сет против Иран, Куба и против Порторико и очекувано ќе играат на Олимпијадата наредното лето, иако на квалификациите немаше потреба и не го користеа најсилниот состав. За разлика од нив, Словенија и Финска не го минаа филтерот, но доволно зборува самиот факт што се најдоа во друштво на 24 национални тимови коишто ги играа квалификациите минатите три дена. Словенците беа во исклучително силна група со Франција и со домаќиниот Полска, па успеаја да слават само против Тунис со 3:0. Од Французите загубија со 3:0, а против Полјаците играа добро, поведоа со 1:0, но во наредните три сета немаа сили, иако во два од нив резултатот беше на разлика. Финците, пак, кои се наши први противници на Европскиот шампионат во Љубљана, не освоија бод на турнирот во Нингбо во Кина, но заработија два сета, а тоа покажува дека ја коригираат формата во однос на настапот во Златната европска лига. Против Кина и против Аргентина загубија со 3:1, а од Канада со 3:0 што е реален епилог. Доколку, условно речено, неуспесите во последните две натпреварувања, во коишто не забележаа победа на девет натпревари, остават последици на психолошки план, тоа може да биде помош за македонските одбојкари во меѓусебниот дуел на отворањето на Европското првенство.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *