Нашата селекција ќе игра со Бугарија за третото место на турнирот “Чајка”
Македонските одбојкари беа поразени од Украина со 3:1 (25:21, 25:20, 22:25 и 25:20) во полуфиналето на 43-тото издание на традиционалниот меморијален турнир “Бранко Хаџииљоски – Чајка”. Во другиот денешен натпревар, Белгија славеше над Бугарија со 3:1 (18:25, 25:21, 25:15, 25:18), така што утре за првото место Белгијците ќе се сретнат со Украина, а нашата селекција ќе игра со Бугарија.
Поради подготовките за настапот на Европското првенство, организаторите годинава решија конкуренцијата да биде силна, па затоа турнирот се одржува во Скопје, а не во Тетово како што е вообичаено. Во салата “Градски парк”, нашите репрезентативци одиграа солидно против силниот ривал, но се уште сервисот и блокот не се на потребното ниво за да се совлада состав од рангот на Украина. Противникот имаше подобар прием и го користеше тоа со прво темпо да освојува лесни поени. Кај нас, капитенот Никола Ѓорѓиев освои 20, Љафтов 11, а Милков и Николов по 6 поени. Во Украина, Плотнитски заработи 19 поени, а средните блокери искомбинираа 30.
Утре од 17 и 30 македонската репрезентација ќе игра со Бугарија, а финалето меѓу Белгија и Украина е од 20 и 15. Двата натпревара ќе бидат пренесувани на Македонската телевизија.