Доколку играме како со Бугарија, Финска сигурно ќе падне
Селекторот Никола Матијашевиќ ги одреди одбојкарите коишто ќе патуваат во Љубљана и ќе го носат дресот на нашата репрезентација на Европското првенство. Очекувано, Лука Костиќ и Марко Јуниор Стошиќ нема да бидат меѓу четиринаесеттемина коишто од 12-ти до 17-ти овој месец во арената „Стожице“ ќе играат во групата „Це“ со Финска, со Турција, со Русија, со Белорусија и со Словенија. Но, пред натпреварите со историска димензија за македонската одбојка, нашите репрезентативци се обидуваат да ја кренат формата на уште повисоко ниво во однос на натпреварот со Бугарија во Скопје, во којшто го совладаа реномираниот противник со 3:0.

„Со изданието против Бугарија, играчите ме убедија дека можеме да играме на Европското првенство, а пред тоа, искрено, не верував дека ќе биде добро. Но доколку играме како со Бугарите, Финска сигурно ќе падне! Игравме зрело, не правевме глупави грешки, со Бугарија ниту една топка не падна на терен, постојано ја допиравме, се боревме. Ги поправивме ситните работи во споредба со пријателските со Шведска, лошо кренати топки, лоша втора топка, лоша комуникација во игра. Она што ме загрижува е здравјето. Но ако сме здрави, мислам дека ќе ја победиме Финска“, капитенот Никола Ѓорѓиев пренесува оптимистички тонови.
Македонските одбојкари уште овие два дена ќе тренираат во Скопје, а потоа ќе отпатуваат за Сент Полтен каде што в петок и в сабота ќе одиграат два контролни меча со Австрија.