Црвено-жолтите со пораз ги завршија контролите пред ЕП 2019
Македонските одбојкари претрпеа пораз од Австрија во Сент Полтен со 3:1, во последниот тест натпревар пред настапот на Европското првенство 2019, којшто е дебитантски за нас. За разлика од вчерашниот тренинг меч во којшто избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ славеа во сите четири одиграни сета, вечерва Австријците имаа доминантен напад и поуспешен сервис, а ние направивме повеќе грешки, па без оглед на десетте блока, не можевме да извлечеме поволен резултат.
Матијашевиќ реши денеска да го врати Љафтов на примачка дијагонала на местото на Милков, а на позиција техничар почна Ѓорѓи Ѓоргиев, по што во игра влезе Деспотовски.
По Сент Полтен, македонските одбојкари два дена ќе тренираат во Марибор, а од 10-ти ќе бидат во Љубљана каде што во арената “Стожице” ќе одиграат пет натпревари со надеж дека ќе влезат во осминафиналето на претстојниот континентален собир.