Марибор е привремена база на македонските одбојкари пред ЕП 2019

 

Постојаност во непостојаноста, а се бара перфекција

 

Од блесок како против Бугарија, до ситни, но пресудни грешки против Австрија. Македонските одбојкари и натаму се постојани во тоа дека се непостојани во играта, понекогаш без разлика на квалитетот на противникот. Билансот од три победи и пет порази на контролните натпревари за учеството на претстојното Европско првенство воопшто не загрижува. Поважно е репрезентацијата да ги елиминира осцилациите коишто можат да бидат решавачки во престижното континентално друштво.

 

„Треба да ги поправиме сите елементи во играта. Немаме ефикасен сервис, не можеме да нападнеме на тој начин, а во таква ситуација е тешко да се одбраниме“, заклучува примачот на црвено-жолтите Владо Милев. Во текот на подготовките, долго чекавме да проработи и блокот, а во Сент Полтен вчера против Австријците не победивме и покрај десетте освоени поени од овој елемент. Тоа е уште еден едноставен и сликовит показател дека во арената „Стожице“ во Љубљана од 12-ти до 17-ти, во силниот ритам од пет натпревари за шест дена, кај нас треба да функционира се, за да можеме да се надеваме на посакуван резултат во нашиот премиерен настап на европските првенства.

 

„Според мене, ние сме голема репрезентација. Ќе видите дека ќе играме до 20 поени против Русија, а нашиот натпревар со Словенија ќе биде вистинско дерби. Но мора да ги отстраниме ситните грешки во играта, да бидеме на ниво како против Бугарија. Во контролата вчера против Австријците, во сите сетови имавме по три топки коишто ни бегаа и подарувавме по три контри на противникот. Ако ги одземете тие нивни поени и ги додадете кај нас, ние ќе победевме 3:0. Затоа треба да коригираме се, односно да доведеме до перфекција“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

 

Македонските одбојкари од денеска се во Марибор, на кратко прилагодување пред да се преселат во вторник во Љубљана, местото за наша одбојкарска ренесанса. За да одат чекор напред и да постават нови стандард, треба да ја минат групата во којшто се Финска, Турција, Русија, Белорусија и Словенија. Осминафиналето можеби делува реално, можеби е само желба? Во спортот се дознава лесно, а тие што нема да бидат во „Стожице“, може да дознаат гледајќи ги преносите на Македонската телевизија.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *