Финално одбројување до ЕП 2019

 

Емоциите растат, реалниот пристап останува

 

Македонските одбојкари одбројуваат три дена до дебито на европските првенства и до првиот натпревар против Финска во Љубљана. Експедицијата се уште е во облачниот и сив Марибор каде што денеска на план се два тренинга. Деновите до премиерата на Европското првенство се ситнат, а тоа значи дека емотивен набој е се поголем. Секако во позитивна смисла!

 

“Финците се за респект, но ние имаме свои желби, а имаме и квалитет. Спортот е таква работа, да излезете на терен и да победите. Ние ќе направиме се да излеземе на терен и да бидеме подобри. Ако гледаме рационално, се е на нивна страна, но спорот е работа којашто овозможува да излезете на терен и да се прикажете во најдобро светло, да дадете се од себе, па што биде нека биде”, вели асистент тренерот во стручниот штаб на нашата репрезентација Душко Николиќ.

 

Со Финска досега немаме натпревари, па отсуствува таков параметар за споредба на силите. Без оглед на расчекорот меѓу реномето и резултатите на противникот, ние и натаму веруваме дека за победа кај нас се мора да е на максимално ниво.

 

“Се мора да функционира, сите пет елементи на играта треба да бидат на совршени, а сите ние да имаме свој ден. Нивната предност е во трпеливоста игра, па затоа не смееме да бидеме опуштени и треба постојано да внимаваме”, оценува техничарот Филип Деспотовски.

 

Финска има огромен играчки потенцијал, затоа си дозволи во Европската лига, во квалификациите за Олимпијадата и на пријателските со Естонија да ротира две репрезентации барајќи го вистинскиот тим. Но кој и да игра, јасно е дека на другата страна на мрежата ќе стои екстра квалитет.

 

Првиот тренинг во “Стожице” македонските одбојкари ќе го имаат в среда. Ден потоа секако ќе испиштат историја, но желбата е тоа да биде со прва победа во историското прво учество на големата одбојкарска сцена.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *