ЉУБЉАНА ЗА МАКЕДОНСКИ НЕЗАБОРАВ

 

Македонските одбојкари го одработеа последниот од четирите тренинзи во Марибор и се упатија кон Љубљана каде што од четврток до вторник ќе ги играат натпреварите од групата “Це” на Европското првенство. Во долгата низа прашања што и како на отворањето против Финците, кажано на наједноставен начин, за да ги оствариме целите на континенталниот самит на којшто сме првпат, потребно е да ги одиграме најдобрите натпревари.

 

“Во мислите треба да имаме дека можеме тоа да го направиме. Прв натпревар е, можеби ќе има трема, мал грч, но дури и да го загубиме првиот сет, не треба да се предаваме, треба да се бориме до крај за секој последен поен. Се надевам, односно знам дека можеме да го направиме тоа”, убеден е примачот Александар Љафтов.

 

Натпреварувачкото ниво е поинакво, па македонските одбојкари треба да одговорат соодветно. Фаворитската улога со задоволство ја препуштаат на противниците, но има и поинакви размислувања.

 

“Еве јас ќе бидам првиот што ќе кажам дека сме поквалитетни од нив и навистина верувам дека в четврток ке ја израдуваме македонската јавност”, оптимистички тонови праќа средниот блокер Ристо Николов.

 

Големата сцена и престижното друштво истовремено се мотивација и товар. Сите во националниот состав се свесни за тежината на настанот и за шансата за поединечна и за тимска промоција. Ова несомнено треба да бидат денови за незаборав за македонската одбојка.

 

МРТ и овој пат ќе биде со нашата репрезентација и ќе ги пренесува преносите од сите натпревари од групата “Це” во Љубљана.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *