Денеска на терен против руските одбојкарски ѕвезди

 

По поразите од Финска и од Турција, црвено-жолтите против првиот фаворит за пехарот

 

Најпрво пораз со позитивен впечаток против Финска, потоа пораз со бледа игра против Турција, а денеска на терен против Русија. Македонските одбојкари веруваа дека можат да остварат поинаков резултатски ефект по првите два натпревара на Европското првенство во групата во Љубљана, но брзо се соочија со квалитетот на врвното континентално ниво. Против Турција вчера во арената „Стожице“ изгледаше деке не можат да го преболат пропуштеното од дуелот со Финска, а тоа остави силна трага, па откако не успеаја во првите два сета, во третиот како воопшто да не играа, а тоа не смее да се случува.

 

„Криво ми е за третиот сет, изгледавме како да сме се предале, а не се предадовме, туку едноставно не одеше“, објасни техничарот на нашата селекција Филип Деспотовски.

 

Македонската репрезентација денеска ќе игра против Русија, актуелниот европски првак и освојувач на Лигата на нации. Тоа значи, во моментов, со најголемата светска одбојкарска сила. Тоа е шанса нашите да бидат на теренот со некои од најголемите одбојкарски ѕвезди. Дебитантскиот пласман на европските првенства ја носи оваа привилегија, без оглед каков ќе биде резултатот.

 

„Ние треба да ја одиграменашата игра, она што можеме, а за Русија нека мислат Американците и другите коишто се на нивно ниво“, вели Деспотовски

 

Шансите за посакуваното осминафинале се уште постојат, но по пет од 15 натпревари од групата „Це“ во Љубљана, тоа е тешко остварлива мисија. Сепак, натпреварите со Русија, со Белорусија и со Словенија не се безначајни, напротив! Националниот состав треба да го почитува планот во којшто со големи букви стоеше насловот „БОРБА“. Првиот од следните три теста е денеска од 17 и 30 против „зборнаја“. Преносот е на Собранискиот сервис на МРТ.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *