Од поразите и од најдобрите се учи за да се победува
Знаеја дека е врвно ниво, ама сепак болно почувствува дека оваа одбојка е од висока класа, свесни се колку и што можат, а дека некои противници немаат лимит, губеа и наивни поени, па и сетови, но македонските одбојкари играат чесно и кога не играат според своите можности. Дебитанти се на eвропските првенства, од сали со кошеви крај терените се префрлија на главната сцена, критики треба да има, но со нив и разбирање.
Против Финска, нашата репрезентација загуби меч што да не беше обвиткан со трема и со неискуство, во други услови ќе го добиеше.
Последиците се почувствуваа и во дуелот со Турција, тука македонската селекција можеше и требаше многу подобро и повеќе од еден нецелосен сет.
Дека е можно, потврди третиот сет со актуелниот шампион Русија. Гигантите според височината на одбојкарите, но и според квалитетеот и знаењето и се разбира историјата, беа принудени да исфорсираат за да бидат подобри на разлика.
Пред слободниот ден желбата беше една победа, но трите порази се суровата реалност којашто не го отвора патот кон убавото, ама реално недостижното осминафинале.

„Не можев да спијам деновиве затоа што имам чувство дека можевме да оствариме подобар ефект. На 20:17 за нас во првиот сет против Финска, мојот смеч е прецизен, судиите досудија поинаку, на ние не ја проверивме одлуката. Во некои клучни поени не бевме поставени правилно, а тоа се нијанси коишто носат одлука. Еве и во третиот сет против Русија покажавме дека можеме да играме, Јас сум таков, сакам да победам, тоа е дел од мојот карактер, но и сакам да верувам дека можеме без разлика на критиките што ги трпам за таквиот пристап. Се додека има теорија за пласман во осминафиналето, ќе верувам во таа можност“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.
Белорусија е само едно место подобоарангирана на ЦЕВ листата, но нејзините одбојкари се сепак поискусни. Третпат се на континенталните шампионати без разлика што по осум меча се уште немаат победа. Тоа и за двете репрезентации ќе биде главниот мотив во утрешниот натпревар од 20 и 30. И во него македонските одбојкари нема да бидат фаворити, но ќе влезат со реални шанси за триумф. Условот и натаму ќе биде ист, само ако одиграат на горната граница на можностите, за секоја топка, за секој поен, затоа што сепак ова е Европско првенство на коешто никој ништо не подарува.
На четвртиот ЕУРО ден, во нашата група во Љубљана, Белорусија ќе игра со Финска, а Турција со Словенија. Преносите ќе одат на Собранискиот сервис на МРТ и на Првиот канал.