Четврти обид за прва победа на Македонија
Македонските одбојкaри и минатата ноќ ја минаа борејќи се со мислата да ја забележат првата победа на европските првенства. Против Финска беа блиску до изненадување, со Турција далеку од издание коешто ветува, а против Русите секое очекување беше нереално. Денеска пред нив ќе застане Белорусија, која до вчера го сонуваше истиот сон како нас. Но го оствари! Од негатива од 2:0 во сетови против Финска и 8:3 и 23:20 во третиот, Белорусите направија комплетен пресврт и во деветтиот натпревар на континенталните собири се израдуваа на првиот триумф. Ако ние тргнеме по нивниот пат, ќе ја напуштиме последната позиција во групата „Це“. Дали тоа ќе биде доволно за осминафинале, сега не е најважно, но соптимистичката нишка се уште не така срамежливо се појавува на мисловниот хоризонт.

„Додека постои математика, јас размислувам за осминафинале. Таков е мојот карактер, сакам да победувам и верувам дека можеме да победиме. Во некои периоди на ова Европско првенство одигрвме на ниво коешто е доволно за да славиме против Белорусија. Посакувам да ја повториме таа квалитетна игра и убеден сум дека ако го направиме тоа, можеме да победиме“, позитивно е настроен капитенот Никола Ѓорѓиев.
Белорусија е висока репрезентација со подолга клупа од нашата. Селекторот Бекша ротира 12 играчи барајќи го најдобриот избор. Пред Македонија се многу опасности, па затоа приемот треба да биде на ниво за да немаме проблем со организација на нападите. Во споротвно, може да почувствуваме како е да се налета на блокот на Бусел кој има 207 или на Удрис со 211 сантиметри. Ако може да нападнеме со коректен, а прецизен сервис, како што тоа вчера го направија Финците во два сета, тогаш ќе бидеме во рамноправна трка за победа.
Досега немаме пресметка со Белорусите иако лани тие беа учесници на завршниот турнир на „Сребрената европска лига“ во Скопје. Првиот ќе оди во пренос на МТВ 1 од 20 и 30.