Македонските одбојкари и фрлија ракавица на Словенија
Испишаа историја и сега можат опуштено да сонуваат за тоа што изгледа невозможно. По победата против Белорусија од 3:1, македонските одбојкари го елиминираа притисокот што се наметна сам од себе и заслужено се радуваа на дебитанскиот триумф на европските првенства. Без разлика што шансите за нокаут фазата и натаму се во мали проценти, пристапот, играта, желбата, енергијата и квалитетот од мечот со Белорусите се за почит. Нашата репрезентација вчера одигра на европско ниво, на одбојкарските елеменети го додаде срцето на терен и покажа дека во Љубљана без неа не може да се креира табелата.
„Ова не беше најдобриот натпревар за мене во репрезентативната кариера, но ова беше најважниот нагтпревар. Бевме многу тажни по поразите од Финска и од Турција и ни беше важно да победиме. Ова е моја репрезентација, ја познавам добро и затоа изјавував дека можеме да играме и да сонуваме осминафинале“, изјави капитенот Никола Ѓорѓиев кој со 37 поени ја бомбардираше Белорусија, а ЦЕВ го избра за играч на денот.
Последниот дуел во групата „Це“ ќе донесе уште еден голем предизвик за нашата селекција. Словенија е домаќин, квалитетна репрезентација, но веќе обезбеди осминафинале, па пред директната пресметка за привилегираното прво место со Русија, веројатно ќе калкулира со минутажата на најдобрите. Тоа не значи дека одеднаш ќе пораснат шансите на македонските одбојкари, но колку и да се мали, никој нема право да им ги одземе. Словенците имаат подобар ефект во меѓусебните дуели во последните 10 години – 6:3, но без изразита доминација.
„Ќе играме. Ние и претходно покажавме дека можеме. Тие почесто не победуваа, но тоа не беше со огромна доминација. Ние секогаш играме подобро со подобрите од нас. Верувам дека можеме. Ќе играме со срце на терен, па што сака нека биде“, вели капитенот Ѓорѓиев.
Колку и да звучи нереално, македонските одбојкари со победа против сребрените од 2015-та ќе бидат на пат кон Нант под услов да не се случат сензационални резултати и во другите натпревари. И со пораз од 3:2, односно со бод против Словенците, нашата репрезентација ќе конкурира за четвртото место, но тогаш ке и биде потребна помош и од Турција, односно два нејзини триумфа и притоа 3:0 против Финска. Можеби ќе постои потреба и од прецизно пресметување на поен – количникот, но за вклучување во игра на дигитронот, неопходно е македонските одбојкари да го одиграат натпреварот на кариерите. Преносот ќе биде на МТВ1 во 17.25, половина час порано и специјалната емисија за ЕП.