Пред дамите се натпреварите од третото коло

 

Виктори и Наковски се актери на струмичката пресметка

 

Ако се знае дека дури четири струмички екипи се натпреваруваат во најсилната женска одбојкарска лига кај нас, не е изненадување што често ќе има локални пресметки коишто ќе имаат значајно влијание на изгледот на табелата. Овој пат тоа е натпреварот меѓу Виктори волеј и Наковски волеј, трето и четвртопласираниот состав по првите две лигашки рунди. Виктори волеј веќе претрпе пораз во струмичко дерби со новакот Струмица жени, но на тој меч освои бод, а потоа се радуваше кај Ускана, па се наоѓа меѓу четирите најдобри. Наковски волеј, пак, го загуби првиот сет сезонава на гостувањето кај Јанта волеј Форца, но направи пресврт, минатиот викенд ја совлада и Струмица жени, па ја заслужи привилегијата да биде најблиску до скопските ривали за тронот. Имајќи го предвид квалитетот, тие не би требало да имаат проблеми да стигнат до третата првенствена победа. Актуелниот двоен титулар, водечкиот Работнички Скопје ќе ја пречека Ускана во единствената неделна средба, во којшто кичевки ќе влезат со два освоени сета, но со ниту еден бод од соочувањата со струмичките екипи Македонија Макс и Виктори волеј. Поголеми дилеми околу победникот не би требало да има и на дуелот меѓу Вардар и Македонија Макс без разлика што струмичанки веќе се израдуваа на еден триумф во шампионатот. Црвено-црните не загубија сет против Универзитет во Тетово и против УГД Студент, а со оглед дека наредното коло ќе се сретнат со шампионот Работнички Скопје, ќе се обидат да останат на идеален сет-количник и по третиот сезонски натпревар.

Иако го загуби дербито со Наковски волеј, екипата на Јанта волеј Форца брзо се врати на позиција до најдобрите, откако минатиот викенд победи кај Бами Кор. Штипјанки очекувано беа поразени од Вардар на почетокот на сезоната, но нивниот триумф над Пелистер волеј во второто коло им дава надежи дека во Скопје ќе можат да им парираат на поранешните првенки. Во овој меч УГД Студент жени ќе влезе од осмото место на табелата, но со ист ефект според бројот на победи и според бројот на бодови како уште три други екипи: утрешниот ривал Јанта волеј Форца, Пелистер волеј и Македонија Макс. Битолчанки ќе се обидат да ја остварат втората победа пред своја публика, а имаат голема шанса за тоа со оглед дека ќе играат со Универзитет во Тетово, којшто досега не освои сет. И другиот тетовски состав, Бами Кор, не заработи сет на две средби, а освои најмалку поени во лигата досега, така што на гостувањето кај Струмица жени ќе истрча со аутсајдерски багаж. Струмичанки имаат половичен биланс, но со очекувана победа може да напредуваат на прволигашката табела.

 

Прва лига (жени), 3.коло

Виктори волеј – Наковски волеј (сабота, 16:00)
Вардар – Македонија Макс (сабота, 19:30)
Јанта волеј Форца – УГД Студент жени (сабота, 18:00)
Пелистер волеј – Универзитет во Тетово (сабота, 16:00)
Струмица жени – Бами Кор (сабота, 17:00)
Работнички Скопје – Ускана (недела, 14:00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *