Одбојкарско првенство – Прва лига (мажи), 2.коло

 

Градски дуел во Тетово, велешани ќе ја предизвикаат Лирија

 

Второто коло од елитната машка одбојкарска конкуренција содржи локално дерби, како и соочување на екипи во чијашто меѓусебна историја има пресметки во финалето на купот и во завршницата на првенството, но сепак ниту еден натпревар не го носи епитетот дерби. Бранителот на двојната круна, Џио Струмица, е апсолутен фаворит против Весна Пробиштип во денешната средба во салата „Парк” иако во минатото овие два тима понекогаш најдиректно решаваа за пехарите. Сепак, пробиштипјани сезонава ја почнаа со помали амбиции од некои поранешни времиња, а таа претпоставка доби потврда во првото коло во коешто загубија на домашен терен од Универзитет во Тетово со 3:0. Со оглед на сите споредби, тешко е да се верува дека Весна Пробиштип ќе може да му парира на шампионот и да го спречи да дојде до втората победа. На отворањето на сезоната Џио Струмица славеше над УГД Студент во Штип.

 

Без оглед што во градски дуели обично е неблагодарно да се прогнозира, Универзитет во Тетово ја носи фаворитската улога пред мечот со Шкендија. Поранешниот првак во последен момент ги надмина клупските проблеми и пријави настап во Првата лига, а поради триумфот со 3:1 над Дибра волеј, во овој натпревар ќе влезе како четвртопласирана екипа на табелата. Впрочем, тетовскиот меч ќе соочи два тима коишто победнички влегоа во натпреварувачката 2019/20. Универзитет во Тетово мина триумфално во Пробиштип.

 

Саботната програма ќе овозможи прва сезонска радост за ГОК Борец или за Лирија. Велешани беа слободни минатиот викенд, а составот од Жеровјане немаше многу шанса да се надигрува со Вардар, така што и двата тима во меѓусебната пресметка ќе влезат со силни мотиви. Лани Лирија беше поуспешна во сите меѓусебни дуели.

 

Второто коло ќе заврши со „одбојкарскиот понеделник на МРТ”, со натпреварот меѓу Вардар и УГД Студент. Штипјани имаа несреќа во првите два настапа сезонава да играат со главните фаворити за титулата, минатиот викенд со Џио Струмица, а сега со Вардар, но за младите одбојкари коишто беа дел од бронзената македонска репрезентација на Балканијадата летово, натпреварот со црвено-црните ќе биде добра можност првпат да се претстават пред пошироката одбојкарска јавност кај нас. Скопскиот тим беше убедлив против Лирија, но ќе сака да ја крене формата што повеќе пред учеството во Челинџ купот на ЦЕВ.

 

Прва лига (мажи), 2.коло

Џио Струмица – Весна Пробиштип (денеска, 16:30)
Универзитет во Тетово – Шкендија (сабота, 19:00)
ГОК Борец – Лирија (сабота, 16:00)
Вардар – УГД Студент (понеделник, 18:30, пренос на МРТ Собраниски)

Слободна е екипата на Дибра волеј

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *