Највисоко рангирање на македонските одбојкари досега

 

Резултатите донесоа прогрес, Македонија е 21-ва во Европа

 

Македонската машка одбојкарска репрезентација го оствари најдобриот пласман во историјата, откако на најновата ранг листа на ЦЕВ, скокна две места и сега е 21-ва континентална сила. Причина за овој напредок е одличниот настап на Европското првенство годинава, на коешто иако беа дебитанти, црвено-жолтите се најдоа на прагот на влез во осминафиналето. Победите над Белорусија и над сребрената Словенија во групната фаза, на македонските одбојкари им го донесоа пласманот на 17-тото место во конечното рангирање на континенталниот собир на којшто првпат учествуваа 24 репрезентации.

 

На врвот на листата е Србија која го освои златниот европски медал, а зад неа е првакот во Лигата на нации, селекцијата на Русија. Полјаците се трети, Французите четврти, а во првата петка е и Италија. Белгија е шеста, Словенија се наоѓа на седмото место, а Финска и Турција од коишто загубивме на Европското првенство во групната фаза во Љубљана, котираат во врвот од селекциите во втората десетка. Финска е 12-та, а Турција 13-та.

 

Најновото рангирање на ЦЕВ е уште една потврда за одличниот резултат на македонските одбојкари на Европското првенство 2019.

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *