Универзитет во Тетово изненади во Битола, а Ускана даде силен отпор кај првенките

 

Вардарки останаа единствени без загубен сет досега

 

Ништо ново и во третата рунда од Првата женска одбојкарска лига. Фаворизираните екипи ја потврдија улогата, со исклучок на Пелистер волеј којшто загуби на домашен терен од Универзитет во Тетово во неизвесен натпревар во пет сета. На ист начин Јанта волеј ја одбрани својата сала од силниот налет на УГД Студент жени, а во сите други пресметки славеа тимовите од горниот дел од табелата, иако освоениот сет на Ускана на гостувањето кај Работнички Скопје може да се смета за изненадување. И не само тоа, туку и фактот што кичевки на теренот на бранителот на двојната круна во првиот сет играа на разлика до 31:29, а притоа не искористија шест сет-топки. На првата, Ускана имаше контра преку средина на мрежа без разлика што дотогаш ниту еднаш не одигра пенал. Откако не го реалзираа, скопјанки освоија три поени по ред по негатива од 29:28 и поведоа со 1:0. Работнички Скопје доминираше во вториот сет, а Ускана го доби третиот со низа од три поени по противничко водство од 24:23. Во четвртиот, домашната екипа направи две серии со вкупен ефект од 8:1 во поени и ја запечати третата првенствена победа. Ускана имаше добра одбрана во поле, но недоволно опции во напад за да го претвори добриот впечаток со освојување на првиот бод во ова првенство.

 

Со максимален ефект како Работнички Скопје се и Вардар жени и Наковски волеј. Црвено-црните славеа пред своја публика против Македонија Макс, а Наковски волеј доби уште едно струмичко дерби, овој пат против Виктори волеј. Двата натпревара се одвиваа на идентичен начин, а победниците имаа постојана контрола. Како последица на овие резултати, Вардар е лидер на табелата, а Наковски волеј е третопласиран затоа што има за нијанска послаб поен-количник од Работнички Скопје.

 

Зад водечкото трио се Јанта волеј Форца и Струмица жени со биланс од две победи и еден пораз. Поранешните првенки од Јанта волеј Форца се намачија да триумфираат над УГД Студент жени иако не се доби впечаток дека дуелот ќе биде рамноправен по првите два сета. Сепак, штипјанки се вратија од негатива од 2:0, израмнија на 2:2 во сетови, а потоа немаа сила во решавачкиот во којшто скопскиот состав славеше со 15:5. За втората победа сезонава, за разлика од Јанта волеј Форца, Струмица жени беше посигурна против Бами Кор и ја заврши работата во три сета.

 

Голема борба имаше на соочувањето меѓу Пелистер волеј и Универзитет во Тетово, а на крајот гостинките ги освоија првите бодови сезонава. Откако битолските одбојкарки го освоија првиот сет, тетовки вратија со пресврт, па Пелистер волеј израмни на 2:2, а во тај-брејкот Универзитет во Тетово беше поумешен и посреќен, па оствари исклучително значајна победа со којшто може да влезе во трка за место во главната натпреварувачка фаза напролет. Пелистер волеј лани беше во неа, но во тековната сезона почна со два пораза на три средби, па за да го повтори успехот треба што побрзо да се врати на победнички патеки.

 

Прва лига (жени), 3.коло

Работнички Скопје – Ускана 3:1 (31:29, 25:12, 24:26, 25:19)
Вардар жени – Македонија Макс 3:0 (25:17, 25:18, 25:17)
Виктори волеј – Наковски волеј 0:3 (20:25, 15:25, 20:25)
Јанта волеј Форца – УГД Студент жени 3:2 (25:16, 25:22, 22:25, 22:25, 15:5)
Струмица жени – Бами Кор 3:0 (25:14, 25:22, 25:20)
Пелистер волеј – Универзитет во Тетово 2:3 (26:24, 14:25, 19:25, 25:17, 14:16)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *