Водечки позиции за ланските финалисти (Прва лига – мажи)

 

Вардар – УГД Студент за крај на второто коло (пренос на МРТ Собраниски)

 

Уште пред почетокот на сезоната беше познато, а сега и се потврдува квалитативната разлика меѓу екипите во нашата најсилна одбојкарска конкуренција. И минатиот викенд фаворитите лесно победија, а тоа го потврдуваат резултатите. Откако триумфираше во Штип над УГД Студент, актуелниот првак Џио Струмица одигра уште еден убедлив натпревар, овој пат пред своја публика против Весна Пробиштип со 3:0. Фактот што поранешниот финалист на купот кај нас освои 47 поени, а беше конкурентен само во вториот сет, зборува дека струмичани доминираа во секој елемент од играта. Весна Пробиштип го загуби и првиот меч сезонава во којшто исто така не освои сет против Универзитет во Тетово, но со оглед дека досега противници и беа аспиранти за водечките места, се разбира дека се уште е во трка за влез во најдобрата шестка во втората фаза од сезоната.

 

Покрај Џио Струмица, два трумфа и максимален број бодови има и Универзитет во Тетово којшто по успешниот настап во Пробиштип, во саботата славеше во локалното дерби со Шкендија со 3:1. Поранешниот првак го освои вториот сет за израмнување на 1:1, но во другите три заработи само 45 поени што значи дека објективно немаше сили за нешто повеќе, па го претрпе првиот пораз сезонава. Во претходното коло го совлада тимот на Дибра волеј, така што се наоѓа на петтото место на табелата.Четврта е Лирија која имаше лесно гостување кај ГОК Борец. Во првиот меч во новото првенство, велешани стигнаа само до 35 поени, па тимот од Жеровјане ја прослави првата победа. Во премиерното коло Лирија очекувано загуби од Вардар, но сега значително напредуваше до позиција којашто обезбедува место во елитната конкуренција напролет.

 

Според секоја логика, не би требало да има изненадување и во последниот натпревар од второто коло. Во СРЦ „Кале“ во Скопје од 18 и 30 ќе играат Вардар и УГД Студент. Црвено-црните лани победија со 3:0 (25:14, 25:16, 25:19) во единствениот меѓусебен натпревар, а поради квалитетот на составот, секој освоен сет ќе биде успех за младиот штипски состав. Натпреварот ќе оди во директен пренос на Собранискиот сервис на МРТ.

 

Прва лига (мажи), 2.коло

Џио Струмица – Весна Пробиштип 3:0 (25:10, 25:20, 25:17)
Универзитет во Тетово – Шкендија 3:0 (25:14, 24:26, 25:16, 25:15)
Борец – Лирија 0:3 (16:25, 11:25, 08:25)
Вардар – УГД Студент (денеска, 18.30, пренос на МРТ Собраниски)

Слободна беше екипата на Дибра волеј

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *