Прво големо дерби сезонава во женската одбојкарска конкуренција

 

Сцената е за Работнички Скопје и за Вардар жени, а Наковски волеј го демне врвот

 

Првото големо дерби на македонската одбојка воопшто сезонава е за Работнички Скопје и за Вардар жени. Нивниот натпревар ќе го одбележи четвртото коло во Првата лига (жени), по коешто екипата на Наковски волеј има шанса да се пробие на лидерската позиција на табелата користејќи го фактот дека неговите конкуренти за тронот ќе играат меѓусебе. Вардарки досега не загубија ниту еден сет во мечевите со УГД Студент жени, со Универзитет во Тетово и со Македонија Макс, па поради подобар сет-количник се на првото место. Актуелните освојувачки на двојната круна, одбојкарките на Работнички Скопје, исто така трипати се радуваа, во дуелите со Универзитет во Тетово и со македонија Макс без да загубат сет, но против Ускана не беа току концентрирани, со што му ја дозволија привилегијата на составот на Вардар жени во дербито да влезе како водечки тим на таблета. Шанса да напредува има Наковски волеј, но само доколку оствари убедлив триумф на гостувањето кај Ускана, а притоа да му одговара резултатот од Скопје. Кичевки досега претрпеа три порази, но заработениот сет против првенките на гостински терен би требало да им донесе зголемена самодоверба пред соочувањето со Наковски волеј. Струмичките одбојкарки остварија значајна победа над Јанта волеј Форца во Кисела вода, а ги добија и локалните пресметки со Струмица жени и со Виктори волеј.

 

Со оглед на амбициите на поранешните шампионки од Јанта волеј Форца и на гостинскиот успех во Битола на Универзитет во Тетово, нивната средба, исто така, привлекува внимание. Откако загубија на отворањето на сезоната, скопјанки двапати триумфираа и ќе се потрудат да ја продолжат серијата во салата на тетовки кои пред победата кај Пелистер волеј, не можеа да сметаат на освојување бодови поради фактот што играа со две фаворизирани екипи – Работнички Скопје и Вардар жени.

 

Киксот пред своја публика против тетовки, одбојкарките на Пелистер волеј ќе се обидат да го надополнат на теренот на Македонија Макс. Тоа ќе биде натпревар на два тима со идентичен ефект досега, две победи и еден пораз. Струмичанки ја совладаа Ускана на почетокот на сезоната, но потоа загубија од водечките екипи, така што за нив дуелот со битолчанки е шанса да се вратат на победнички патеки. Со иста цел, Виктори волеј ќе истрча на теренот на Бами Кор којшто сезонава нема освоен сет и се наоѓа на последното место на табелата иако не играше против водечкото трио. Виктори волеј претрпе пораз во две струмички пресметки, па доколку сака да остане во игра за пласман во Втората фаза-1, не смее да си дозволи да не слави во мечеви со противници од рангот на Бами Кор.

 

Прва лига (жени), 4.коло

Ускана – Наковски волеј (сабота, 14:00)
Македонија Макс – Пелистер волеј (сабота, 14:00)
Бами Кор – Виктори волеј (сабота, 16:00)
Универзитет во Тетово – Јанта волеј (сабота, 18:00)
Работнички Скопје – Вардар жени (понеделник, 18:00, пренос на МРТ Собраниски)
УГД Студент жени – Струмица жени (20.ноември, 18:00)

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *