Одбојкарски шампионат – Прва лига (мажи), 3.коло

 

Повторно лесна задача за фаворитите

 

Водечките екипи гостуваат во третата рунда од нашата најквалитетна одбојкарска конкуренција. Вардар, Џио Струмица и Универзитет во Тетово се единствени со по две победи досега, а скопските црвено-црни се на лидерската позиција поради тоа што имаат подобар сет или, пак, подобар поен-количник од ривалите. За да останат на врвот треба да одиграат доминантно како против Лирија и против УГД Студент во претходните два натпревара на коишто беа домаќини. Вардарци сега ќе гостуваат кај Весна Пробиштип која на почетокот на сезоната ја имаше несреќата да се сретне со трите главни кандидати за најдобар пласман во оваа првенствена фаза. Оттука, не изненадува фактот што пробиштипјани не освоија сет во пресметките со Универзитет во Тетово на свој и против Џио Струмица на туѓ терен.

 

Со оглед на квалитативната разлика, не би требало да има никакви дилеми околу победникот и на другите соочувања од третото коло. Иако можеби нема состав како ланскиот, Универзитет во Тетово почна со два триумфа и со само еден загубен сет на гостувањето во Пробиштип и против Шкендија пред своја публика, значи против тимови коишто во минатото беа во најтесна трка за титулите, па против Дибра волеј во Дебар се освен лесна победа на тетовци ќе биде огромно изненадување. Со исти почетни позиции ќе тргне и Џио Струмица во мечот со Шкендија без разлика на тоа што ќе играат актуелниот со поранешен македонски првак. На патот на одбрана на двата пехара струмичките одбојкари тргнаа без загубен сет против УГД Студент и против Весна Пробиштип, а ако се знае дека Шкендија дозволи да загуби сет на домашен терен против Дибра волеј во првото коло по враќањето во елитата, јасно е дека во средбата ќе влезе од аутсајдерска позиција. Ако се видат резултатите од меѓусебните дуели на УГД Студент и на ГОК Борец од ланскиот шампионат, заклучокот е дека штипјани се големи фаворити да ја забележат првата победа сезонава. Лани УГД Студент трипати се радуваше со 3:0, па тешко е да се верува дека ГОК Борец ќе направи нешто повеќе во утрешниот натпрвар. Во новото првенство велешани загубија од Лирија со 3:0, екипата којшто е слободна во претстојното, трето, лигашко коло.

 

Прва лига (мажи), 3.коло

Весна Пробиштип – Вардар (денеска, 19:00)
Дибра волеј – Универзитет во Тетово (денеска, 20:00)
УГД Студент – ГОК Борец (сабота, 19:00)
Шкендија – Џио Струмица (сабота, 17:00)

Слободна е екипата на Лирија

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *