Во пресрет на осмото коло, тесна трка во Првата лига (жени)

 

Скопско-струмички пресметки за врвот, во Битола натпревар за влез во првата шестка

 

Работнички Скопје го претрпе првиот пораз сезонава и веќе нема право на грешки доколку сака да биде најдобар по есенскиот дел од нашето најсилно женско одбојкарско друштво. Бранителките на двојната круна загубија на гостувањето кај дебитантот Струмица жени со 3:0 (25:21, 26:24, 25:17), а со тоа не само што му дозволија на Наковски волеј да остане единствен со максимален ефект досега, туку и му овозможија на тимот на Вардар жени да се искачи на второто место по синоќешниот триумф на теренот на Јанта волеј Форца со 3:1 (18:25, 25:13, 25:10, 25:23). Вардарки имаат ист биланс со Работнички Скопје и со Струмица жени (6-1), но се наоѓаат пред актуелните првенки поради подобар сет-количник, а пред струмичанки поради поголем број бодови.

 

Во вонредното коло минатите два дена, покрај Наковски волеј, очекувани победи во три сета забележаа Виктори волеј, Пелистер волеј и УГД Студент жени, по што битолчанки и штипјанки се вратија во игра за влез меѓу првите шест екипи коишто напролет ќе играат во Втората фаза -1. Од тој аспект, исклучително значење ќе има натпреварот меѓу Пелистер волеј и Јанта волеј Форца. Ако битолските одбојкарки ја искористат предноста на својата сала и слават со 3:0 или со 3:1, тогаш ќе ги потиснат противничките од шестото место. Со победа на скопјанки, битката за влез во првата половина на табелата може да биде јасна без оглед што до крајот на оваа натпреварувачка етапа ќе има уште четири кола. На шанса за прогрес во поквалитетната половина се надеваат и одбојкарките на УГД Студент жени, коишто по триумфот над Бами Кор ќе сервираат против Ускана на гости, па со уште една успех можат да бидат закана за Јанта волеј Форца и за Пелистер волеј. Кичевки се радуваа само еднаш, така што речиси е сигурно дека напрлолет ќе играат за пласман од 7-то до 12-тото место.

 

А на другиот крај на табелата, Наковски волеј ќе биде голем фаворит во струмичката пресметка со Македонија Макс. Доколку ги потврди прогнозите, ќе остане единствен тим со максимален ефект и секако ќе биде прв без разлика како ќе завршат меѓусебните соочувања на ривалите. По првиот сезонски пораз, Работнички Скопје чувствува победнички императив против Виктори волеј којшто има пет успеси на седум средби, а со тоа е петти. Покрај лидерот, пред него е и триото екипи со шест триумфи досега, а меѓу нив е и составот на Струмица жени којшто ќе гостува кај Вардар жени со огромна самодоверба стекната со победата над шампионките. Победникот од овој дуел ќе ја продолжи трката за првата позиција, а поразениот ќе има само теоретски шанси во Втората фаза -1 да влезе од највисокото место.

 

Претстојната рунда од женското одбојкарско првенство го содржи и натпреварот меѓу Универзитет во Тетово и Бами Кор. Домаќинот во тетовскиот меч е фаворит да ја оствари втората победа сезонава затоа што Бами Кор не само што досега не успеа да триумфира, туку и не освои сет на седум средби.

 

Прва лига (жени), 7.коло

Наковски волеј – Универзитет во Тетово 3:0 (25:15, 26:24, 25:18)
Струмица жени – Работнички Скопје 3:0 (25:21, 26:24, 25:17)
Јанта волеј Форца – Вардар 1:3 (25:18, 13:25, 10:25, 23:25)
Виктори волеј – Македонија Макс 3:0 (25:15, 25:8, 26:24)
Пелистер волеј – Ускана 3:0 (25:17, 25:21, 25:19)
Бами Кор – УГД Студент жени 0:3 (15:25, 5:25, 11:25)

Прва лига (жени), 8.коло

Македонија Макс – Наковски волеј
Работнички Скопје – Виктори волеј
Вардар жени – Струмица жени
Пелистер волеј – Јанта волеј Форца
Универзитет во Тетово – Бами Кор
Ускана – УГД Студент жени

Start a Conversation

Your email address will not be published. Required fields are marked *